Кога сакате да направите вкусно печиво, посетете ја sezahrana.mk. Тука ќе ги најдете најдобрите испробани рецепти кои се креирани од нас и нашите креативни соработнички. А овој пат Катерина ни испрати рецепт за полнет солен венец со моцарела и тиквичка.
Солениот венец со фил изгледа убаво, па може да го направите за свечени трпези, но исто така и да се почестите со семејството. Подготовката е едноставна и лесна. Следете ги инструкциите и ќе бидете воодушевени од резултатот.

Состојки:
- 350 г брашно
- 1/4 коцка свеж квасец
- 1 белка
- 150 мл млеко
- 50 г путер
- ½ мала лажичка сол
- прстофат шеќер.
За фил:
- 1 тиквичка
- 200 г моцарела
- ½ мала лажичка куркума.
- 1 жолчка за премачкување
- сусам и ленено семе за декорација.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете ги брашното, квасецот, белката, млакото млеко, путерот, солта и шеќерот. Измешајте ги состојките и замесете средно меко тесто.
- Добро измесеното тесто оставете го на топло место да нарасне.
- Во меѓувреме тиквичката и моцарелата изрендајте ги на крупната страна од рендето.
- Работната маса посипете ја со брашно. Ставете го тестото и со помош на сукало исучете правоаголна кора.
- На едната половина од кората нанесете ја ренданата тиквичка, парчињата моцарела и куркумата. Пред да ја нанесете тиквичката, исцедете ја од течноста.
- Другиот дел од кората расечете го вертикално на ленти со ширина од 2 см.
- Завиткајте ја кората во ролат почнувајќи од делот каде се тиквичките и моцарелата.
- Завитканиот ролат ставете го во калап за куглоф, премачкајте со разматена жолчка и посипете со сусам и ленено семе.
- Печете го во загреана рерна на 200 степени, за време од 25 до 30 минути. Печениот солен венец со моцарела и тиквичка оставете го кратко време да се излади, а потоа извадете го од калапот. Исечете го на парчиња и послужете го. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Солен посен куглоф со праз и спанаќ.