Новогодишната еуфорија сѐ уште е во тек! Празниците само што започнаа, па сите домаќинки размислуваат што вкусно да подготват и како да ја декорираат трпезата. А сигурно ќе се согласите дека ниту една трпеза неможе да помине без вкусни колачиња на кои најмногу им се радуваат децата. Оваа година израдувајте ги најмалите во семејството и направете празнични колачиња со цимет во форми и големини по ваша желба.
Бидете креативни, забавувајте се со децата, декорирајте ги на уникатен начин и направете ги најубавите празнични колачиња со цимет. Соберете го семејството и уживајте во празничната атмосфера.

Состојки:
- 150 г путер на собна температура
- 60 г шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 2 лажички цимет
- 1 цело јајце
- 1 белка
- 300 г брашно
- 1/2 мала лажица прашок за пециво.
За премачкување:
- 1 жолчка
- 1 лажичка млеко
- 1/2 лажичка цимет
- 1 лажица кафеав шеќер.
Подготовка:
- Во подлабок сад ставете ги брашното, јајцето, белката, пецивото, путерот и шеќерот. Додајте ги ванилиниот шеќер и циметот и замесете мазно хомогено тесто.
- Тестото завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер околу 20 минути.
- Извадете го тестото на работната површина и исукајте кора со дебелина од околу половина сантиметар. Со калапи по избор извадете ги саканите форми.
- Формите од тесто редете ги во тава обложена со хартија за печење. Во помал сад измешајте ги жолчките, шеќерот, млекото и циметот и премачкајте ги колачињата. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 190 степени околу 12 минути.
- Подготвените колачи оставете ги да се изладат и извадете ги од тавата. Декорирајте ги по желба и послужете ги. Уживајте во празничните денови!
Ви препорачуваме да прочитате: Новогодишни капи – колачи.