Пролетта е сезоната кога може да уживаме во пролетниот млад лук, кој има свежи зелени ливчиња и бело кревко тело, а најдобро е што може целосно да се јаде. Времето на младиот лук е кратко, па затоа уживајте што повеќе во неговиот вкус и придобивки пред да почне да формира чешниња и главици.
Зелениот млад лук е всушност не целосно зрел лук кој е искорнат од земјата пред да формира крушка и чешниња. Според тоа растот на вкусниот млад лук е поделен во неколку фази: тенко стебленце, почеток на крушка, но без чешниња и на крај зрелиот лук има по малку тегаво стебло и убава кревка крушка со одделни чешниња.

Има многу да се зборува за пролетниот млад лук, а ние го издвоивме следното за вас:
- Младиот лук може да се употребува исто како и обичниот лук со оформени чешниња, но ќе овозможи помалку интензивна арома на јадењето и вкус на зелено, бидејќи обично се додава во поголема количина во споредба со стар лук.
- Омилен факт за пролетниот млад лук е што целото растение може да се јаде, крушката, трупот, листовите, секако со исклучок на малите коренести ресички од кои се храни додека расти.
- Зелениот млад лук е одличен за разни специјалитети, а посебно некои комбинации на пролетно-летни рецепти со други свежи состојки.
- Бидејќи во изгледот се многу слични, за лесно да направите разлика помеѓу млад лук и млад кромид, треба да знаете дека зелените ливчиња на лукот се тенки и прави, а на кромидот цевчести и кружни.
- Најквалитетни и највкусни за јадење се стебленцата кои имаат здрав корен, темни листови, пријатен мирис на лук и бела или малку виолетова боја во основата на крушката.
Како најдобро се чува млад лук?
За што подобра свежина и поголема трајност пролетниот лук се чува во фрижидер, што овозможува да опстои 5-7 дена. Исто така, можете да го завиткате во влажна крпа, па да го ставите во пластична ќеса, повторно да стои на ладно, или пак младиот лукот може да го ставите во висока чаша или друг сад со вода, при што, доколку се определите за овој начин за одржување на свежината на лукот, најдобро е пред тоа да не ги отстранувате коренестите влакненца.
Кој дел од младиот лук може да се употребува?
Една од основните и големи придобивки на пролетниот млад лук е тоа што може да се употребува целото растение. Единствено што треба да направите е да ги отстраните белите коренести влакненца и да го измиете. Можете да го јадете како прилог со месо на скара, со сирење, кисело млеко или да си направите таратор, одлично се вклопува со јајца, пиперки и многу други комбинации на храна, а зелените листови во вид на перја, може да ги додавате во супи и разни сосови. Зелениот млад лук е храна која едноставно се вклопува секаде!