Сите ние сакаме да припремиме нешто вкусно и здраво за нас и нашите најблиски. Сигурно и вие сте во потрага на проверени рецепти за домашно слатко од капинки, сируп или џем кои не содржат конзерванси.
Постојат голем број причини за да консумирате капинки, а уште подобро да се мотивирате да направите прошетка во природа и директно да ги уживате нивните благодети. Капинките се богати со антиоксиданси, растителни влакна и витамини, па затоа често се користат во исхраната. Ако имате повеќе капинки на располагање ви предлагаме лесен и едноставен рецепт од нашата кујна, за домашно слатко од капинки и сок за растворање, без конзерванси.

Состојки:
- 2 килограм капинки
- 1 килограм шеќер
Подготовка:
- Капинките измијте ги и ставете ги во длабоко тенџере.
- Во тенџерето додајте го шеќерот и оставете ги капинките за време од 3 до 4 часа, за да пуштат сок.
- Потоа, тенџерето со капинки ставете го на оган на средно висока температура. Капинките варете ги за време од 40 минути со повремено мешање, со што дополнително ќе пуштат сок.
- Потоа, со помош на цеделка исцедете ги капнките, а сокот соберете го во друго тенџере. Исцедените капинки со малку течност варете ги уште 5 до 10 минути на оган. Добиеното слатко од капинки турете го во чисти загреани тегли. Теглите затворете ги со метални капаци. За да се вакумираат теглите со слатко, свртете ги со капаците на долната страна и оставете ги целосно да се изладат неколку часа или преку ноќ.
- Тенџерето со сок од капинки ставете го на оган уште 10 до 15 минути. Кога течноста ќе се згусни, тенџерето го трганете го од оган, а топлиот сок турете го во чисти стерилни шишиња. Шишињата добро затворете ги и оставете ги да се изладат. Потоа, теглите со слатко од капинки и шишињата со сируп, наредете ги со останата зимница.