смути од замрзнато овошје 1

Освежително смути од замрзнато овошје

Освежително и полно со витамини и антиоксиданси, сигурни сме дека ова вкусно смути од замрзнато овошје ќе стане вашиот омилен здрав пијалок ова лето. Се подготвува за 5 минути, па е совршено за оние денови кога наутро немате многу време за подготовка на појадок, а сепак сакате да го започнете денот здраво и вкусно. Сѐ што ви треба за да го подготвите ова освежително смути е да си набавите замрзнато овошје и забавата може да започне.

Совршен спој на кремаста банана и вкусни малини и боровинки кои во комбинација со бадемово млеко совршено се надополнуваат. Ова лето разгалете се себеси и своите сакани со веганско смути од замрзнато овошје со неодолива овошна нота на шумски овошја. По желба може да користите и други видови на растително млеко, а секако може да употребите и обично млеко од животинско потекло. Изборот е ваш, а на вас останува само да му се препуштите на здравото уживање.

смути од замрзнато овошје 2

Состојки:

  • 2 замрзнати банани со средна големина исечкани на парчиња
  • 1 чаша незасладено млеко од бадеми ( по желба може и друго растително или млеко од животинско потекло)
  • 1 чаша замрзнати јагоди
  • 1 чаша замрзнати боровинки
  • 1 чаша замрзнати малини

Подготовка:

  1. Парчињата замрзната банана ставете ги во блендер или процесор за храна и изблендирајте ги. Потоа додајте го бадемовото млеко и блендирајте додека добиете мазна и кремаста смеса.
  2. Додајте ги и малините, боровинките и јагодите и повторно блендирајте додека добиете смути со хомогена структура. По потреба промешајте и продолжете со блендирање.
  3. Вака подготвеното смути сервирајте го во две декоративни чаши и по желба декорирајте ги со замрзнати малини, капини и свежо нане. На здравје!

Идеја плус:

За подготовка на ова освежително смути може да користите и друг вид на овошје како вишна, сливи или овошен микс. Оставаме на вашата фантазија да си припремете смути со вашето омилено овошје. Замрзнатото овошје одлично се вклопува во подготовка на смути, сладоледи или декорација на омилениот десерт во овие топли денови.

Ви препорачуваме да прочитате: Посни тестенини со брокула и грашок.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: