Оваа комбинација на наредени топчиња од тесто со фил има едно интересно име, а тоа е бухтле! Ние денес ви припремивме рецепт за солено бухтле, кое ако ви е полесно, може да го наречете солена погача со фил, како што и нам ни се случува често.
Ако го пробате, ќе знаете дека станува збор за традиционално и вкусно јадење од европскиот континент, чие потекло се смета дека е од регионот Бохемија од Чешката република. И покрај тоа, се смета дека во развојот на рецептот, голема улога имале австриската, словачката, словенската и унгарската кујна. Филот може да го менуваме по наша желба, а во продолжение е испробаниот рецепт од Невена. Прочитајте го, набавете состојки и на здравје!

Состојки:
За тесто:
- 200 мл топло млеко
- 100 мл масло
- 1 јајце
- 20 гр свеж квасец
- 1 лажиче сол
- 1 лажиче шеќер
- 400-500 гр брашно
За фил:
- 100 гр кашкавал исецкан на коцки
- 100 гр шунка, поченица или свински врат исецкана на коцки
- 1 лажиче мајчина душица
- 1 лажиче мајоран
За премачкување:
- 1 изматено јајце
- неколку парченца путер.
Подготовка:
- Квасецот растворете го со малку млеко и брашно.
- Во сад ставете ги млекото, маслото, јајцето, солта и шеќерот.
- Додајте го и квасецот.
- Со постепено додавање на брашното замесете средно меко и мазно тесто. Покриено оставете го да кисни додека се волуменот се зголеми двојно.
- Потоа, премесете го и поделете го на 22 топчина. Секое топче малку притиснете го со раката, па ставете по 2-3 коцки од кашкавалот и шунката, како и по прстофат од зачините. Убаво затворете го и обликувајте топче.
- Наредете ги во тркалезна тава бр. 26, намачкана со малку масло и оставете ги киснат уште 30-35 минути.
- Пред печење премачкајте ги со изматеното јајце и наредете неколку парченца путер.
- Печете во загреана рерна на 180-190 степени, околу 35 минути или печењето одредете го во зависност од вашата рерна.
- Испеченото солено бухтле покриено со фолија оставете го малку да олади и послужете го со јогурт, павлака, сирење, по желба. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Сончоглед погача со спанаќ и сирење.