Традиционално за новогодишните и божиќни празници во голем број домови се припремаат најразлични суви празнични колачи кои претставуваат вистинско уживање и радост за најмалите. А едни од омилените, се колачите кои можете да ги направите во различни форми, да се препуштите на фантазијата и да ги декорирате по желба. Па еве еден супер рецепт за суви празнични колачи со лешници.
Нека се за многу години празниците. Уживајте во нив и во сите убави моменти со семејството.

Состојки:
- 250 грама путер на собна температура
- 350 грама брашно
- 300 грама мелени лешници
- 250 грама шеќер
- 1 јајце
- 1 лажица цимет
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 ќесичка ванилин шеќер
Подготовка:
- Путерот го ставаме во длабок сад и го матиме пенесто. Во садот со путер ги додаваме јајцето, шеќерот и ванилиниот шеќер. Смесата ја мешаме со виљушка.
- Брашното го сееме во длабок сад. Во садот со брашното ги додаваме прашокот за печиво и цимет по вкус. Состојките ги мешаме со лажица.
- Во садот со путерот постепено ги додаваме мелените лешници и мешаме со лажица. На крај, смесата ја месиме со рацете и постепено додаваме од смесата со брашното. Месете неколку минути додека се добие хомогена смеса.
- Работната маса набрашнете ја. Врз неа исучете го тестото во тенка кора со дебелина од околу 5 до 7 мм. Од тестото со помош на калапи во омилените празнични форми исечете колачиња. Колачињата редете ги во тава обложена со хартија за печење.
- Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 10 минути. Декорирајте по желба и на здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Божиќни колачи со портокал и рум.