Сѐ што не сте знаеле за витаминот Б7 - биотин 1

Сѐ што не сте знаеле за витаминот Б7 – биотин

Витаминот Б7 биотин е дел од семејството на витамините од Б комплексот. Тој е уште познат и како витамин Х.  Важен е за организмот затоа што учествува во претворањето на одредени хранливи материи во енергија, односно врши синтеза на протеини, јаглехидрати и масни киселини. Исто така, има многу важна улога за здравјето на косата, кожата и ноктите.

Aко не се внесува доволно биотин преку исхраната, може да дојде до опаѓање на косата или пак осип на кожата. Но, ваков недостаток се јавува многу ретко, бидејќи во повеќето случаеви биотинот што го добиваме преку исхраната најчесто е доволен да ги задоволи нашите потреби за овој витамин. Сепак, многу луѓе се одлучуваат да го зголемат внесот на овој витамин со надеж дека со тоа ќе постигнат дополнителни предности по своето здравје. Ако сакате да дознаете повеќе за овој витамин, во која храна се содржи, како и можни нeсакани ефекти прочитајте го овој текст.

Сѐ што не сте знаеле за витаминот Б7 - биотин 2

Дали биотинот навистина го потпомага растот на косата?

Кератинот е основен протеин кој ја сочинува структурата на косата, кожата и ноктите. Несомнен е фактот дека биотинот го подобрува нивото на кератин во телото. Иако e мал бројот на спроведени истражувања кои се занимаваат со оваа тематика, сепак има докази кои сугерираат дека зголемениот внес на биотин може да го потикне растот на косата. Така, во една студија спроведена во 2015 година, на група жени кои се соочувале со опаѓање на косата им бил даден орален додаток со биотин, а на друга група со истиот проблем им била дадена плацебо таблета. Тие ги консумирале овие таблети два пати на ден во рок од 90 дена. На почетокот и на крајот од ова истражување им биле направени слики на заболените делови од скалпот. На крајот од ова истражување, на секоја од учесничките детално и било преброено секое влако коса. Истражувачите откриле дека жените кои земале таблети со биотин имале значителен пораст на нова коса, во однос на оние кои земале таблети со плацебо ефект.

Препорачан дневен внес на биотин

Дефицитот на биотин е мошне ретка појава, па затоа U. S. Food and Drug Administration не препорачува да се зема како додаток во исхраната. Потребата од овој витамин варира врз основа на полот, возраста како и целокупното здравје на една личност. Експертите препорачуваат дека секоја возрасна личност над 10 години треба да внесува од 30 до 100 мг на ден од овој витамин, додека за помали деца овие дози се пониски во зависност од нивната возраст. Жените кои се бремени или пак дојат може да имаат зголемени потреби од биотин.

Храна богата со биотин

Најверојатно со храната која секојдневно ја консумирате веќе ги задоволувате дневните потреби на биотин. Но, ако сакате да го зголемите неговиот внес, тогаш вашата исхрана збогатете ја со следниве намирници:

  • црн дроб и бубрези
  • жолчка од јајце
  • ореви, бадеми, кикиритки
  • соја и други мешунки
  • целозрнести житарки
  • сончогледови семки
  • лосос
  • банани
  • карфиол
  • печурки.

Бидејќи, термичката обработка на храната може да ја намали ефикасноста на биотинот, секогаш гледајте да консумирате сурова или пак минимално обработена храна.

Додатоци на база на биотин

Повеќето луѓе може да земаат додатоци на база на биотин без никакви негативни ефекти, но сепак кај некои лица може да се појават несакани реакции како што се гадење, грчеви, и дијареа. Ризикот од несакани ефекти може да се намали доколку овие додатоци ги земате заедно со храна, но сепак треба да се консултирате со вашиот доктор пред да започнете да користите било каков додаток во вашата исхрана.

Други придобивки од биотинот

  • Биотинот помага во одржувањето на здравјето на метаболизмот. Тој ја претвора гликозата од јаглехидратите во енергија за телото.
  • Ги намалува воспаленијата
  • Ја подобрува конгитивната функција
  • Помага во намалувањето на шеќерот во крвта кај лицата заболени од дијабетес
  • Го зголемува добриот холестерол ХДЛ, а го намалува лошиот ЛДЛ.

Ризици и мерки на претпазливост

Консумирањето на повеќе храна богата со биотин не носи никакви ризици по здравјето, но доколку се одлучите да употребувате суплемент на база на овој витамин, претходно треба да се консултирате со вашиот доктор. Биотинот е витамин растворлив вода, така што ако ги премините дневните препорачани дози, тој ќе се исфрли преку урината. Ова го прави потенцијалното предозирање со биотин речиси невозможно. Во ретки случаеви може да се појави осип на кожата, кој може да биде знак за предозирање со биотин.

Ви препорачуваме да прочитате:  Витамин Б12 – нутриент клучен за добро здравје.

Сподели: