Имаме одличен предлог за нешто поразлично и многу вкусно кое сите дома ќе го обожаваат. Инспирирани од мексиканската кујна, ви предлагаме да направите тако со пилешко и пченка

Тако со пилешко и пченка

Ви здосади секојдневното мени и имате желба да пробате нешто ново? – Имаме одличен предлог за промена кој и тоа како ќе ви годи и ќе посакате да го подготвувате што почесто! Размислувавме за инспирација и овој пат ја одбравме богатата мексиканска кујна од која издвоивме совршено вкусно тако со пилешко и пченка.

Па, ако ви треба идеја за брз и вкусен оброк, еве добитна идеја. Овој рецепт за тако со пилешко и пченка е идеален за лесно и вкусно уживање. Соберете го друштвото и пробајте го, а потоа ве очекуваме да ни пишете во групата на Сѐ за храна како ви се допадна.

тако со пилешко

Состојки:

  • 600 г пилешки стек
  • сол и црн пипер по вкус
  • 1 лажица маслиново масло
  • 1 главица сечкан црвен кромид
  • 1 ситно сечкано луто пиперче
  • 2 лажички кумин или мелен ким
  • 2 лажички оригано
  • 1 чили сос
  • 1 чаша пилешки бујон
  • 1 ½ чаша пченка
  • 2 лажици сок од лимета или лимон
  • 4 лажици кориандер или магдонос
  • 8 пченкарни тортиљи (или пченични тортиљи по желба).

Подготовка:

  1. Зачинете го пилешкиот стек со сол и црн пипер по вкус.
  2. Во тава на оган загрејте го маслото на средна температура и запржете го стекот по 2 до 3 минути од страна, па извадете го стекот од тавата.
  3. Во тавата додајте ги претходно сечканите кромид и луто пиперче и пропржете ги уште 4 до 5 минути со повремено мешање.
  4. Додајте ги сите зачини, лутиот сос и пилешкиот бујон.
  5. Ставете го стекот повторно во тавата и покријте ја со капак, па оставете да се динста на повисока температура 5 до 7 минути додека стекот омекне.
  6. Извадете го пилешкиот стек од тавата и насечете го на ленти или искинете го на покрупни парчиња, а сосот оставете да се крчка и натаму.
  7. Додајте ја пченката и сокот од лимета или лимон во сосот.
  8. Врз тортилјите сервирајте прво од месото, а потоа од сосот. Декорирајте со неколку зрна пченка, неколку кришки сечкан кромид и малку магдонос и на здравје!

Совети плус:    

  • Ако сакате да ги послужите и најмалите во семејството, не ставајте луто пиперче, ниту лут сос.
  • По желба, за да го балансирате вкусот на зачините, такосите може да ги направите и со гвакамоле. Начинот на подготовка прочитајте го тука.
  • Експериментирајте со различни зеленчуци, ако имате желба да го измените вкусот на рецептот. Може да додадете или да ги замените наведените состојки со морков, тиквичка, домат или млад кромид кога е во сезона.

Ви препорачуваме да прочитате: Лесен рецепт за рижото со пилешко месо и грашок.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: