Фетучини Алфредо е познато италијанско јадење од тестенини во сос од пармезан и путер. Во овој рецепт, сирењето се топи и формира мазен и богат прелив врз тестенините.
Јадењето го добило името по Алфредо ди Лелио, кој го измислил ова популарно јадење во 1908 година. Неколку години подоцна Алфредо, отворил свој ресторан, од каде што се ширела популарноста на фетучини Алфредо, најпрво во Рим, а потоа и во другите земји низ светот.
Сигурни сме дека овој рецепт ќе ви се допадне, а наведените состојки се доволни за 6 порции.
Состојки:
- 650 грама фетучини (во замена може да користите макарони или шпагети)
- 220 грама путер
- 330 мл неутрална павлака за готвење
- сол и црн пипер по вкус
- 1 мала лажичка лук во прав
- ¾ чаши рендано романо сирење (во замена може да користите кашкавал)
- ½ чаша рендан пармезан
Подготовка:
- Во длабоко тенџере на оган, на висока температура ставете вода, додајте малку сол и оставете да се вари.
- Штом водата ќе зоврие во садот додајте ги фетучините и варете ги за време од 8 до 10 минути. Потоа добро исцедете ги.
- Во големо тенџере на оган, на ниска температура ставете ги неутралната павлака и путерот. Мешајте со дрвена лажица за да се растопи путерот и да се добие хомогена смеса. Додајте сол, црн пипер и лукот во прав. Во тенџерето додајте ги ренданото сирење и ренданиот пармезан. Мешајте ги состојките додека сирењето се растопи и сосот се згусти.
- Исцедените тестенини додајте ги во садот со сосот и добро измешајте. Фетучините Алфредо послужете ги веднаш. Декорирајте со гранче босилек. На здравје!