Ловоровиот лист многу одамна е ценет поради својата специфична арома која им ја дава на јадењата. Покрај како зачин, ловоровиот лист може да се користи и како природен „лек“ кој има противвоспалително и антисептичко дејство. Традиционалната медицина долги години ги препорачува чајот и сирупот од ловоров лист против кашлица и болки во грлото.
Овој период кога состојбата со грипот и корона вирусот е актуелна, времето е променливо, а настинките се чести, посветете се на зајакнување на имунитетот. Ако имате болки во грлото или кашлица, подгответе си чај или сируп од ловоров лист.

Листовите на ова древно зимзелено растение кое расте во околината на Средоземеното море се богати со минералите: калиум, бакар, манган, калциум, железо, цинк, магнезиум и селен. Исто така, важни се и витамините од Б групата кои се значајни за правилна работа на метаболизмот, хормонска рамнотежа и нормална работа на нервниот систем и мускулите. Ловоровиот лист се користи во алтернативната медицина при проблеми со дигестивниот тракт, дијабетес, гихт, реума, нервоза и несоница. Етеричното масло од ловоров лист може да се користи за инхалации, а корисно е и за дезинфекција на просторот во сезона на настинка и грип. Чајот и сирупот од ловоров лист се препорачуваат за зајакнување на имунитетот, за прочистување на дишните патишта и ублажување на кашлица, главоболка и бронхитис.
Како да подготвите чај од ловоров лист?
Состојки:
- 3 листови сув ловоров лист
- 250 мл вода
- 1 лажичка лимонов сок
- 1-2 лажички мед.
Начин на подготовка и употреба:
- Листовите ловор исечкајте ги на ситни парчиња и прелијте ги со 250 мл вода.
- Потоа варете ги околу 10 минути.
- Вака подготвениот чај тргнете го од оган и оставете го 10 минути поклопен, па процедете го.
- Откако малку ќе се излади, додајте 1 лажичка лимонов сок и 1-2 лажички мед.
- Од вака подготвениот чај пијте по 2-3 чаши на ден.
Како да направите сируп од ловоров лист против кашлица?
Состојки:
- 8 суви листови ловор
- 250 мл вода
- 6 лажички кафеав шеќер или мед
- сок од 1 лимон.
Начин на подготовка и употреба:
- Зовријте ја водата, па додајте ги ловоровите листови. Садот со вода покријте го и се заедно варете околу 6-10 минути. Потоа извадете ги ловоровите листови, а течноста ставете ја во друг сад.
- Додајте го кафеавиот шеќер или медот и лимоновиот сок. Добро измешајте додека шеќерот се растопи.
- Од вака подготвениот сируп консумирајте по 1-3 лажички на ден. Може да се консумира и ладен и топол.
- Ловоровиот сируп чувајте го во фрижидер во стаклен сад до неколку дена, а потоа по потреба направете нов.
Ви препорачуваме да прочитате: Ловоров лист против кандида, дијабетес, настинки.