„Вселувањето е пригода при која обичај е во домот да има погача, па ви приготвив нешто специјално во мојата кујна – чоколадна слатка погача која ќе ги освои домашните и гостите, сите кои ќе ја пробаат! И не само за тоа, за разни прослави, свечености и радосни моменти, ве охрабрувам да ја пробате, сигурна сум дека ќе си го запишете рецептот!“ – вели Катерина Шамбевска Спасеновска од нашиот тим, која ja направи прекрасната чоколадна погача.
„Мојата погача внесе радост во нашиот дом, а чоколадниот вкус неизбежно беше да го уживаме заедно со шолјичка Браво кафе. За секој ден или за посебни пригоди, ова е нешто кое мора да го пробате!“ – додава Катерина.
Состојки:
- ½ коцка квасец со 1 лажица шеќер, 75 мл млака вода и 1 лажица брашно
- 150 мл млака вода
- 150 мл млеко
- 50 мл масло
- 50 гр стопен и изладен путер
- 1 јајце
- 100 гр шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- кора од ½ лимон
- 500 г брашно + околу 250 гр за домесување – по потреба.
За фил:
- 300 г чоколаден крем
- 10-15 сечкани бадеми за одозгора
За премачкување:
- Пред печење: 1 матено јајце
- По печење: 40 г стопено чоколадо.
Подготовка:
- Во сад ставете ги квасецот, шеќерот, млаката вода и брашното. Промешајте и оставете 15-20 минути да нарасне. Брашното пресејте го да е спремно.
- Во садот додајте ги сите состојки и со миксер матете го тестото 8-10 минути. Кога е убаво соединето, покријте го со најлонска фолија и оставете го да нарасне 1.5 до 2 часа.
- Нараснатото тесто ќе биде течно, но со убави меурчиња кои значат дека ќе е меко и со конци. Додајте брашно по потреба. Замесете со раце за да се оформи доста меко тесто, но да може да се работи и формира.
- Со помош на сукало, направете правоаголна кора со дебелина од 7 мм и нанесете го чоколадниот крем, оставајќи по 2 см на краевите. Замотајте ролна, па засечете ја по должина и од 2-те нишки со преклопување направете „плетенка“. Земете тркалезен калап (бр.26) во близина и формирајте спирала/во вид на полжав. Поросете малку сечкани бадеми во средишниот дел.
- Оформената чоколадна погача оставете ја да нарасне 45-50 минути, па премачкајте ја со изматеното јајце на местата без чоколаден крем. Печете во загреана рерна на 180 степени 25 минути, па намалете на 150 степени и печете уште 50 минути.
- На крај, со кујнска четка чоколадирајте ја горната површина и поросете со сечкани бадеми за декорација. Направете си филџан од најдоброто Браво кафе и на здравје!
Совети плус:
- За да добиете убава спирала, правоаголната кора треба да е долга 50-60 см, инаку ќе треба да ја споите во калапот.
- Кога ја оформувате погачата, калапот нека ви биде многу блиску, бидејќи тестото е меко и од засекот ќе се пренесе чоколадниот крем, па е потребна малку вештина за да не ви се тенчи и разлева во пренесувањето, воедно и да го задржи ликот.
- При печењето, зависно од рерната, одозгора ставете хартија за печење, за да не потемни премногу. За вкус ќе е одлична, а ова е совет ако сакате да е посветла. Јас одлучив да ја чоколадирам и одозгора за да е комплетно чоколадна.
- Ако сакате да добиете совршени парчиња кои не се ронато и со шари на пресек, почекајте потполно да се излади, па потоа пресечете ја.
Препорака од авторот:
Нашата култура има доблести кои и тоа како е убаво да се негуваат, меѓу нив е радоста за вселување во нов дом, па како тема ми беше инспиративна да ви приготвам нешто специјално. Ако ви се допадна мојот рецепт и љубовта со која ја припремам и прикажувам храната, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:
- Instagram: @katerina.shambevska
- Facebook: Katerina Sambevska Spasenovska.
Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Постапалки во 2 вкусови – Лесни колачиња за лесни чекорчиња.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.