Ова се нашите омилени чоколадни колачиња кои изгледаат фантастично, а повкусни не може да бидат! Верувале или не, овие чоколадни колачи со бисквити се прават без печење и тоа за 10-тина минути. А вкусот не се опишува со зборови. Би рекле дека е чоколадна фантазија со лешници која секој може да ја направи и да ја проба. Баш погодени!

Состојки:
- 1 пакетче (225 грама) бисквити класик
- 1 пакетче (225 грама) бисквити со вкус на чоколада
- 4 лажици путер
- 1 чаша (200 грама) темно чоколадо
- 4 лажици чоколаден крем од лешници
- 1 чаша млеко.
Фил:
- 2 ќесички шлаг крем од чоколадо
- 500 мл млеко
- 50 мл вода
- 10 грама желатин
- 4 лажици чоколаден крем од лешници
- ½ чаша (100 грама) темно чоколадо
- ½ чаша мелени лешници.
Подготовка:
- Бисквитите се мелат и се ставаат во длабок сад. Путерот и чоколадото се топат на тивок оган. Во садот со мелените бисквити се ставаат растопениот путер и чоколадото, се додава чоколадниот крем од лешници и млекото. Смесата убаво се меша.
- Во претходно обложени шест кружни калапи со хартија за печење се става од чоколадната смеса со бисквитите во висина од 2 см. Смесата добро се израмнува.
- Желатинот се става во чаша и се додава водата, па се остава да набабри за време од 5 минути. Во меѓувреме шлаг кремот и млекото се ставаат во сад за матење. Се матат со миксер додека се добие крем.
- Желатинот кратко време се става во сад на оган за да се растопи. Растопениот желатин се додава во садот со шлаг кремот и се продолжува со матењето за време од 2 минути. Потоа во садот се додаваат 4-те лажици чоколаден крем од лешници и се мати кратко време за да се добие хомогена смеса.
- Филот се дели на два дела. Во едниот дел се додаваат мелените лешници и се меша за да соедини смесата.
- Чоколадото се топи на пареа и се додава во вториот дел. Се меша за да се соедини филот.
- Во калапите, врз слојот од бисквити се става од чоколадниот фил во висина од 2 см. Потоа, калапите се ставаат во замрзнувач за време од 5 до 10 минути.
- Потоа, се вадат и се става филот со лешници. Убаво се рамни по површината и калапите се враќаат во замрзнувачот. Се оставаат за време од 2 часа, а најдобро е преку ноќ. Непечените колачи со бисквити се вадат од калапите и се сервираат со парчиња чоколадо. Баш погодени!
Ви препорачуваме да прочитате: Интегрални бисквити со овесни снегулки.