родители и дете 1

Што е ноќна апнеа и како влијае на оралното здравје на децата?

Веројатно сте слушнале за ноќна апнеа, а голем дел од нас и ја имаат оваа непријатна појава. Но, она што можеби не го знаете е дека опструктивна ноќна апнеа може да се појави и кај малите деца, а не само кај возрасните. Што е ноќна апнеа, како влијае на детското орално здравје и како родителите да препознаат опструктивна слип (ноќна) апнеа – ОСА кај децата? – На овие прашања ни одговори Д-р Бојан Ангеловски, дипломиран стоматолог и специјализант по детска и превентивна стоматологија.

Опструктивна слип (ноќна) апнеа – ОСА е нарушување на дишењето кое се карактеризира со продолжена опструкција на горниот дел на дишните патишта при што го нарушува нормалното дишење за време на спиењето. ОСА е една од најчестите форми на нарушувања на спиењето, и е застапена кај околу 90 милиони луѓе во Европа. Ова нарушување, освен кај возрасни, може да настане и кај децата. Се смета дека 4% од децата имаат состојба на ОСА. Најчеста е кај деца од две до седум години.

родители и дете 2

Етиологија на опструктивна ноќна апнеа (ОСА)

Раната дијагностика и третман на ОСА ја подобруваат прогнозата на ова нарушување. ОСА се јавува кога мускулите во задниот дел на грлото се релаксираат, и со тоа вршат стеснување на дишните патишта при вдишување, кое пак, предизвикува намалување на нивото на кислород во крвта. Оваа намалена концентрација на кислород ја чувствува мозокот и тогаш детето се буди. Постојаното будење го прекинува сонот. Децата со нетретирана ОСА може да бидат несоодветно дијагностицирани со синдром на недостаток на внимание со или без хиперактивност.

Симптоми на опструктивна ноќна апнеа

  • прекумерна поспаност преку ден;
  • гласно `рчење три или повеќе ноќи неделно;
  • епизоди на престанок на дишење кое ги препознава друга личност;
  • нагло будење придружено со недостаток на здив;
  • будење со сува уста или воспалено грло;
  • утринска главоболка;
  • проблеми со вниманието;
  • дишење преку уста;
  • потење и немир;
  • често будење.

Знаци на нетретирана ОСА кај деца на училишна возраст

Знаци на нетретирана слип апнеа кај деца на училишна возраст може да бидат мокрење во кревет, лоши резултати на училиште, агресивно однесување и одложување на развојот. Нетретираната ОСА може да предизвика оштетување на мозокот, трески, кома и срцеви компликации. Овие деца исто така може да имаат и нарушен раст.

Кој има зголемен ризик од појава на ОСА?

Пациентите со одредени анатомски и краниофацијални аномалии, невромускулни заболувања, како и лица со Даунов синдром имаат зголемен ризик за развој на опструктивна ноќна апнеа. Доенчиња со гастроезофагеална рефлуксна болест се исто така со ризик за ОСА поради едем на горните дишни патишта.

Дијагноза на ОСА

Детските стоматолози играат важна улога при идентификација на децата со зголемен ризик од ноќна апнеа. Преку добра анамнеза и внимателно клиничко испитување при секоја посета, детските стоматолози можат да ги идентификуваат знаците и симптомите кои можат да предизвикаат ОСА. Особено важни се и одредени прашања кои треба да се постават на родителите, кои можат дополнително да помогнат во идентификувањето на децата со ризик од ОСА.

Најчесто поставувани прашања се дали детето:

  • `рчи кога спие?
  • има проблеми со дишењето додека спие?
  • престанува да дише додека спие?
  • повремено мокри во кревет ноќе?
  • тешко го будите наутро?
  • се жали на утрински главоболки?
  • дише преку уста во текот на денот?
  • дали вие ​​или наставникот на Вашето дете, сте забележале дека детето е поспано во текот на денот или во училиште?
  • брзо заспива?

Доколку се сомневате дека детето има одреден ризик за ОСА, треба да се упати до соодветните специјалистички лекари, оториноларинголог и пулмолог. Потоа да се направи клинички преглед, како и полисомнографија при што ќе се потврди или елиминира сомнежот и ќе се постави дефинитивна дијагноза.

Влијанието на ОСА врз оралното здравје на децата

Добриот и квалитетен сон нѐ одржува здрави и ја спречува појавата на лош здив, улкуси во устата, како и развојот и прогресијата на пародонталните заболувања. Оралните проблеми поврзани со ноќна апнеа вклучуваат нарушувања на темпоромандибуларниот зглоб, бруксизам и дишење преку уста.

Темпоромандибуларен зглоб

Симптоми на темпоромандибуларен зглоб се: болка во вилицата, вратот и рамената, проблеми и потешкотии при џвакање, виличните зглобови прават звуци на чукање при џвакање и отворање на устата и неможност за отворање или затворање на устата во одреден временски период.

Бруксизам

Бруксизам или шкрипење на забите може да се случи во било кое време, но најчесто се случува при спиење. Има негативни последици врз сонот, вклучително и ненадејно будење, како и главоболки, болки во вратот и вилицата. Се смета за нарушување поврзано со спиењето затоа што предизвикува неконтролирано и неволно движење на вилицата за време на спиење. Знаците за бруксизам исто така може да бидат откриени од страна на детскиот стоматолог во вид на ерозирани површини на забите, испукани или скршени заби.

Дишење преку устата

Дишењето преку устата резултира со сува уста и доведува до расипување на забите. Дополнителни последици од сувата уста се формирање на дентален плак, ранички на усните, гингивитис и пародонтопатија. Децата со ноќна апнеа имаат три пати повеќе кариес и крварење на непцата.

Третман на ОСА

Третманот на ноќна апнеа може да биде хируршки или нехируршки, во зависност од сериозноста и етиологијата на ОСА. Нехируршката терапија опфаќа третман на назални алергии, користење на апарат со постојан позитивен притисок на дишните патишта, намалување на телесната тежина и промена на спиењето. Најчестата хируршка терапија за третман на ОСА е тонзилектомија.

Ви препорачуваме да прочитате: 5 совети за да ги научите децата на здрава исхрана.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: