Често слушаме за омега 3 и омега 6 масните киселини кои се познати по тоа што се земаат во форма на суплементи како превенција или како терапија кај заболени лица. Тие се есенцијални масни киселини и ако сакате да дознаете повеќе за нив прочитајте и зголемете го своето знаење на оваа тема.
Со оглед на тоа што кардиоваскуларните болести се најголемата причина за смртните случаи насекаде во светот, денес големо внимание им се посветува на масните киселини. Сигурно имате слушнато дека не треба да внесувате заситени масни киселини во големи количини, бидејќи може да го покачат нивото на холестерол во организмот и со тоа да го зголемат ризикот од појава на кардиоваскуларни болести. Од друга страна, есенцијалните масни киселини се неопходни и потребни да ги внесуваме преку храната.
Што се тоа есенцијални масни киселини?
Есенцијални масни киселини се масти кои организмот не може самиот да ги синтетизира (произведи), а поради тоа што се неопходни за правилно функционирање на телото, мора да се внесат преку исхраната. Постојат омега-3 и омега-6 есенцијални масни киселини, кои бројката (3 или 6), ја добиваат во зависност од тоа на која позиција се наоѓа двојната врска во нивната хемиска структура. Линолната киселина е омега-3 масна киселина, а линоленската е омега-6 масна киселина.

Кои се функциите на есенцијалните масни киселини во нашиот организам?
Секоја клетка и секој органски систем во нашиот организам има своја функција, а често пати ние можеме свесно да влијаеме и да го олеснеме тој процес. Со одредени наши постапки, односно со правилен избор на хранливи намирници, можеме да му помогнеме на организмот да ги извршува подобро и полесно своите функции. Многу наскоро ќе ви припремиме листа на намирници и препораки за консумација на есенцијалните масни киселини, а во оваа прилика ќе се задржиме на она што овие масти можат да придонесат за нашето здравје да биде подобро. Издвоивме неколку поважни улоги:
- Есенцијалните масни киселини се важни за метаболизмот на јаглехидратите и мастите во телото.
- Го поддржуваат процесот на растење.
- Спречуваат стеснување на крвните садови (предизвикано од таложење на масти) и така штитат од инфаркт и шлог.
- Ја намалуваат осетливоста на кожата и слузокожата на инфекции.
- Ги намалуваат штетните последици од рендгенското зрачење.
- Неопходни се за правилна функција на мозокот и за раст и развој на коските.
Може да ве интересира и 9 намирници за снижување на холестеролот во крвта.