заблуди за витаминот Ц

Вистини и заблуди за витаминот Ц

Витаминот Ц, кој е еден на најпознатите витамини се смета за најголем сојузник на човековото здравје. Најдобро е да се внесува преку свежата храна, а понекогаш при состојба на болест, лекарите советуваат да се земе преку таблети. Иако мислиме дека знаеме се, ова се некои вистини и заблуди за витаминот Ц.

Го зајакнува имунитетот и го подобрува организмот

Вистина: Витаминот Ц го стимулира организмот да се бори против инфекциите. Некои истражувања потврдиле дека витаминот Ц има позитивно дејство за превенција на катаракта на очите (перде), висок крвен притисок и хронични воспаленија. Бидејќи е познат антиоксиданс, се бори со штетните радикали кои се едни од главните причинители за појава на рак. Исто така, помага за создавање на колаген, кој е важен за одржување на младоста. Овој витамин се препорачува како превентива, но и за побрзо заздравување од болести, бидејќи ја враќа енергијата и имунитетот. Малаксаноста, заморот, бавното зараснување на раните, крвавењето од непцата и анемијата укажуваат на недостаток на витаминот Ц.

витамин Ц

Лимоните содржат најмногу витамин Ц

Заблуда: Лимоните и другите цитрусни овошја се богати со витамин Ц, но има и други намирници кои го содржат во поголема количина. Црвените свежи пиперки, кивите и аронијата се едни од најбогатите зеленчуци и овошја со овој витамин. Покрај нив, добар извор на витамин Ц се и зелените лиснати зеленчуци.

Пушачите имаат поголема потреба од витамин Ц

Вистина: Пушачите ги губат дневните резерви на витамин Ц со пушењето на 10 цигари на ден. Затоа нивната потреба е над 500 мг. Докажано е дека секоја испушена цигара води до загуба на 10-30mg витамин Ц. Исто така, поголема потреба од витамин Ц имаат лица со слаб имунитет.

Мора да се зема во точно определени количини

Заблуда: Доколку се внеси во поголема количина, витаминот Ц се исфрла преку урината. Па, доколку внесете на поголеми количини преку храна, нема ризик по здравјето. Внимавајте кога го комбинирате со кофеин или гуарана, затоа што може да влијае на сонот. Пред да земете поголема количина на витамин Ц во форма на таблети, задолжително консултирајте се со вашиот лекар. Последните истражувања во оваа област покажуваат дека има случаи на предозирање со витамин Ц. Некои од симптомите кои укажуваат на хипервитаминоза Ц се главоболка и стомачни тегоби.

При готвењето на храната се губи витаминот Ц

Вистина: Витаминот Ц брзо се разградува при контакт со воздух и со топлина, па така спаѓа во групата на термолабилни витамини. Колку што е повисока температура и колку што подолго трае приготвувањето на храната, толку повеќе се губи витаминот Ц. Затоа, најдобро е да се јаде храната свежа или краткотрајно приготвена на пареа.

Ви предлагаме да прочитате: Витамин Ц за силен имунитет и добро здравје.

Сподели: