Домашен сапун со активен јаглен кој помага против акни и митесери

Иако на прв поглед никогаш не би помислиле да искомбинирате активен јаглен со сапун, тоа всушност е многу добра комбинација. Сапунот со активен јаглен се препорачува на лица кои имаат проблем со акни и митесери. Многумина кои веќе го користеле ја потврдиле неговата ефикасност и делотворност во лечењето на кожните проблеми. Секако, овој лековит сапун со активен јаглен може и да се купи, но ние денес ви предлагаме сами да го направите и тоа без многу труд.

Како да направите домашен сапун со активен јаглен?

Главната причина поради која се додава активниот јаглен во козметичките препарати е неговата моќ за чистење и хидрирање на кожата. Ваквиот сапун длабински ги чисти порите од нечистотии и го елиминира вишокот на маснотии и мртви клетки од кожата. На тој начин таа постанува мазна, чиста и хидрирана.

сапун со активен јаглен

Потребни состојки и материјали:

  • 1 сапун по ваш избор
  • 10 капсули или таблети активен јаглен
  • 1 лажица мед
  • 1 лажица бадемово или маслиново масло
  • 150 мл жешка вода или чај од камилица
  • пластична или силиконска амбалажа која ќе послужи како калап за сапунот
  • метален сад за топење на сапунот на водена пареа.

Начин на подготовка:

  1. Во помал метален сад ставете вода да се вари.
  2. Во меѓувреме изрендајте го сапунот и подгответе го чајот од камилица. Подобро е да користите сушени цветови од камилица, отколку чај од филтер ќесичка.
  3. Откако водата ќе почне да врие, намалете ја температурата на шпоретот.
  4. Земете друг поголем метален сад и ставете го врз садот со зоврената вода. Во садот додајте ги изренданите парчиња сапун, готовиот чај од камилица или вода, медот и маслото. Добро промешајте додека не се изедначат сите состојки.
  5. Сапунот ќе се стопи за околу 20-40 минути во зависност од неговите состојки. За време на неговото топење, повремено мешајте го за да избегнете создавање на грутки. Може да го поклопите со капак за да го спречите испарувањето на водата, но и доколку испари слободно додајте уште малку жешка вода. Растопениот сапун на крај треба да има слична густина како тесто за палачинки.
  6. Додека сапунот полека се топи (не треба да врие), припремете ги калапите. За таа цел може да ви послужи пластична амбалажа од маргарин, но може да користите и силиконски калапи.
  7. Внатрешноста на калапите премачкајте ја со малку маслиново масло, за да може сапуните полесно да излезат од нив.
  8. Кога смесата за сапун е при крај, таа ќе постане изедначена и без грутки. Тогаш додајте го и активниот јаглен и добро измешајте. Доколку активниот јаглен е во форма на таблети изгмечете го, додека пак ако е во капсули само истурете ја течноста во смесата за сапун.
  9. Вака подготвениот сапун префрлете го во претходно намрсените калапи.
  10. Калапите со сапун ставете ги во фрижидер околу 20-30 минути за побрзо да се стегнат.
  11. Потоа отстранете го сапунот од калапите и исечете го на парчиња со големина по ваша желба.
  12. Исечените парчиња сапун оставете ги 3-4 дена да се сушат на свеж воздух со повремено вртење (најдобро е да се сушат на тераса).
  13. На крај, лековитиот сапун со активен јаглен складирајте го во амбалажа по ваша желба и уживајте во сите негови благодати.

Ви препорачуваме да прочитате: Направете сапун со лековити билки.

Сподели: