cveke cuvar kuka

Имајте убава кожа без акни со помош на цвеќето чувар куќа

Чувар куќата (Sempervivum tectorum) е интересно растение, кое често се користи како лек во народната медицина. Многумина го чуваат во својот дом, а името го добило според народното верување дека ја чува и штити куќата и семејството од пожари, болести… Како лек најчесто се користи сокот од чувар куќа кој е ефикасен за лечење на акни и лузни, а ја затегнува и кожата.

Оваа билка е речиси неуништлива и може да расти и да се развива во скоро секакви услови. Па така може да ја одгледувате во саксија во домашни услови и секогаш да си ја имате при рака. Интересно за оваа билка е тоа што може да издржи и јак мраз, па така и доколку ја замрзнете неа или нејзиниот сок таа нема да изгуби од своите благотворни својства.

чувар куќа

Сок од чувар куќа за нега на иритирана кожа

Свежо исцедениот сок од чувар куќа содржи многу нутритивни состојки и има антисептичко и антивоспалително дејство. Слично на дејството на алое верата, овој сок е ефикасен при изгореници предизвикани од топлина или сонце, a може да се користи и за премачкување на убоди од инсекти, против чешање, црвенило или оток.

Ја хидрира и омекнува кожата

Со сокот може да ја негувате кожата, затоа што има хидратантни својства. Истиот можете да го нанесувате на сува и груба кожа или на испукани пети и раце.

Во продолжение ви претставуваме два рецепти за природен тоник и чај од чувар куќа кои ќе ви помогнат за затегнување и освежување на кожата, намалување на раните и лузните, и лекување на акните.

Направете сок од чувар куќа и искористете го како природен тоник за нега на кожата

Веќе споменавме дека сокот од чувар куќа може да се користи како природен тоник за нега на кожата. За да го направите потребно е да исечкате еден грст од оваа билка на ситни парчиња. Парчињата ставете ги во газа и со притискање со рака пробајте да го исцедите сокот. Со памук земете од сокот и нанесете на лицето. Оставете го тонкиот да делува еден час. Потоа измијте го лицето со млака вода и нанесете хидратантен крем. Уште по само првата употреба ќе забележите дека лицето ви е позатегнато, хидрирано, а кожата е поеластична. Сокот е ефикасен и при мали рани и лузни, па доколку се нанесува на овој начин, ќе забележите побрзо зараснување на истите.

Чај од чувар куќа против акни

Чајот направен од чувар куќа може да се користи како народен лек при акни. За да го направите, во тенџере ставете 20 грама чувар куќа и додајте 1 литар вода. Овој чај оставете го да стои преку ноќ. Другиот ден, тенџерето ставете го на шпорет и варете го околу 15 минути. Потоа тргнете го и поклопете го со капак. Оставете го уште 15 со 20 минути. Чајот процедете го, а потоа измијте го лицето 7 пати во текот на денот. Овој третман направете го секој ден, во тек на една недела.

Совет плус: Доколку сте алергични на чувар куќа, немојте да ги користите сокот или чајот за нега на кожата.

Ви препорачуваме да прочитате: Алое вера за совршена кожа.

Сподели: