Карневалски колачи - слатки пржени јуфки 1

Карневалски колачи – слатки пржени јуфки

Супер изглед, а и името карневалски колачи е исто такво. Баш се слатки и различни од сите останати. Нам ни се допаднаа и со задоволство го споделуваме предлогов на Невена!

Еве што ни кажа таа за нив: „Овие се дел од карневалските колачиња кои името го добиле по составот на тестото што е основен дел за правење јуфки – таљатељи.“ Интересни ни беа и препорачуваме да ги пробате и вие!

Карневалски колачи - слатки пржени јуфки 2

Состојки:

  • 2 јајца
  • 200 гр брашно
  • 1 портокал
  • 1 лимон
  • 2 полни лажици шеќер или шеќер во прав
  • по потреба масло за пржење на јувките
  • по потреба шеќер во прав.

Подготовка:

  1. Од јајцата и брашното замесете изедначено тврдо тесто. При месењето убаво удирајте го од масата за тестото да стане што помазно.
  2. Завиткајте го во најлонска фолија и оставете го да стои 30 минути на собна температура.
  3. За тоа време лимонот и портокалот ставете ги да стојат во вода со сода бикарбона. Потоа измијте ги и избришете ги.
  4. Тестото поделете го на два дела.
  5. Од едниот дел со сукало развлечете многу тенка правоаголна кора (дебелината да и е околу 2 мм).
  6. Посипете ја со 1 лажица шеќер и изрендајте ја кората од портокал.
  7. Завиткајте ја цврсто во ролат и исечете ролатчиња од 1 см.
  8. Истата постапка повторете ја и со останатиот дел од тестото, само што на оваа кора ќе ја изрендате кората од лимон.
  9. Готовите ролати пржете ги во поголема количина на масло, на средна температура да добијат светла кремаста боја.
  10. Штом се испржени, посипете ги со шеќер во прав и на здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за популарните италијански колачиња струфоли.

Сподели: