Рецепт за популарните италијански колачиња струфоли

Струфоли се италијански пржени колачиња кои потекнуваат од областа на Неапол. Имаат крцкава кора и мека внатрешност. Традиционално се приготвуваат со прелив од мед, шеќерни трошки, цимет и кора од портокал. Сепак, постојат различни варијации, но вкусот е сличен.

Овој пат рецепт за струфоли ни испрати Невена. Малите вкусни колачиња изгледаат преубаво и вреди да се пробаат. Таа за овој рецепт вели: „Овие италијански пржени колачиња обично се прават за Божиќ или за време на карневалските денови, но моите деца ги сакаат и затоа почесто си ги правиме.“

струфоли

Состојки:

  • 2 јајца
  • 3 лажици шеќер
  • 30 гр путер или свинска маст
  • 1 лажица рум, мастика, бренди или ликер од лимон
  • рендана кора од половина лимон и портокал
  • прстофат сол
  • 200 гр брашно
  • масло за пржење.

Прелив:

  • 150 гр мед
  • 2 лажици шарени шеќерни трошки.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги јајцата, шеќерот, путерот, румот, кората од лимон и портокал, солта и брашното. Убаво измесете за да се добие изедначено тврдо тесто. Готовото тесто покријте го со кујнска крпа и оставете го да одмори најмалку половина час.
  2. Потоа премесете го. Од тестото формирајте стапчиња со дебелина колку еден прст. Со нож исечете ги на многу мали парчиња.
  3. Штом струфолите се готови, во повисока тава или тенџере ставете поголема количина на масло да се загрее на умерена температура.
  4. Во загреаното масло ставете ги струфолите. Пржете ги додека добијат кремаста боја, а внимавајте да не потенат.
  5. Пржените колачиња извадете ги на кујнска салфетка за да се впие вишокот на масло.
  6. Медот ставете го во тенџере и загрејте го колку да се растопи. Додајте ги струфолите, шеќерните трошки и убаво измешајте. Готовите струфоли префрлете ги во голема чинија и послужете. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Најдобриот испробан рецепт за домашни крофни.

Сподели: