Најдобриот испробан рецепт за домашни крофни

Кој може да одолее на мирисот на домашни крофни? Сигурни сме дека нема таков. Меки, вкусни и неодоливи, крофните се посакувани од секој љубител на слатките задоволства.

Па, ако сакате да се наградите себеси и вашите најблиски, еве како да направите домашни крофни по испробан рецепт. Тајната за овие убави и вкусни крофни ни ја открива Лана, која рецептот го сподели на блогот Kuhinica Mignone.

домашни крофни

Состојки:

  • 800 грама брашно
  • 40 грама свеж квасец
  • 3 мали лажички шеќер
  • 1 филџан масло (75 мл)
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 2 мали лажички рум
  • 1 јајце + 3 жолчки
  • рендана кора од лимон
  • прстофат сол
  • околу 300 мл топло млеко.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го квасецот. Додајте половина шолја топло млеко, една лажичка шеќер и една лажичка брашно. Измешајте со лажица додека квасецот се растопи. Оставете квасецот да нарасне за време од 10 минути.
  2. Во садот додајте го просеаното брашно, шеќерот, малку сол, масло, рум, јајцата и кората од лимон. Постепено додавајте го млекото и замесете меко тесто кое не се лепи на рацете.
  3. Тестото покријте го и оставете го да одмора за време од 40 минути. Потоа, премесете го и оставете го околу половина час, додека двојно нарасне.
  4. Работната маса набрашнете ја. Ставете го тестото и со помош на сукало исучете кора со дебелина околу 5 мм. Со помош на кружен калап или поголема чаша исечете кругови. Крофните наредете ги врз кујнска крпа, која претходно сте ја посипале со малку брашно. Покријте ги и оставете ги да нараснат уште 15 минути додека маслото се загрее.
  5. Маслото не би требало да биде премногу врело, а најдобра е некоја средна температура за пржење.
  6. Во тенџерето со загреаното масло, спуштајте по 2 до 3 крофни. Тенџерето поклопете го со капак, за да може крофните да нараснат повеќе. Штом маслото започнува да пука (заради кондензацијата), тргнете го капакот и внимателно превртете ги крофните.
  7. Готовите крофни извадете ги со перфорирана лажица врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло. Пред служење, крофните може да се наполнат со мармалад (со помош на готварски шприц) и да се наросат со шеќер во прав.

Ви предлагаме да прочитате: Посни крофни.

Сподели: