Новогодишни украси за елка со мирис на цимет 1

Новогодишни украси за елка со мирис на цимет

Можете ли да замислите подобри украси за елка од оние кои може да си ги направите сами во посакуваниот облик, а плус и да мирисаат прекрасно. Нам ова ни изгледа како супер идеја, па ви претставуваме еден креативен рецепт за тоа како да си направите украси за елка со мирис на цимет.

Со овие украси загарантирано вашиот дом секој ден ќе мириса на пресно печени колачиња со цимет. Исто така, ова е одличен начин да поминете креативни и забавни моменти со вашите најмали. Сѐ што ви треба за нивна подготовка сигурно веќе имате во вашата кујна, па на вас останува само да издвоите малку време и да и се препуштите на креативноста.

Новогодишни украси за елка со мирис на цимет 2

Потребни материјали:

  • новогодишни калапи во повеќе облици
  • сукало или оклагија
  • 1 чаша џем од јаболка
  • 1 ½ чаша цимет
  • 2 лажици мелено каранфилче
  • шарен волнен конец или украсна лента
  • глазура за декорирање по желба (белки изматени со шеќер во прав и малку лимон, со боја по желба)
  • готварски шприц.

Начин на изработка:

  1. Во подлабок сад измешајте ги џемот од јаболка со една чаша цимет и добро измесете со рака.
  2. Откако ќе добиете хомогено тесто, додадете го и каранфилчето и преостанатиот цимет и повторно измесете со помош на рака. Треба да добиете мазно тесто кое не се распаѓа.
  3. Работната површина посипете ја со малку цимет, па од тестото исукајте кора со дебелина од 7-8 мм.
  4. Од тестото со помош на калапи во различни форми исечете ги новогодишните украси.
  5. Украсите наредете ги во намрсен плех или во тава обложена со хартија за печење.
  6. На секој украс на врвот направете му дупче со дрвена чепкалка или со игла, со цел подоцна низ него да се провне волнениот конец.
  7. Печете ги во претходно загреана рерна на 100 степени за време од 1 час. Можеби ќе биде потребно и повеќе време за печење, бидејќи од тестото треба целосно да испари џемот од јаболка. Најсигурни ќе бидете дека вашите украси се готови кога тие ќе бидат тврди како камен.
  8. Откако доволно ќе се испечат украсите, оставете ги да се изладат преку ноќ. Другиот ден, со помош на готварски шприц можете да ги украсите лампионите со глазура по ваша желба.
  9. Низ дупчињата провнете им шарен волнен конец или пак украсна лента и вашите миризливи украси се спремни да ја красат новогодишната елка.

Напомена: Овие украси не се за јадење.

Ви препорачуваме да прочитате: Направете новогодишен свеќник со стапчиња цимет.

Сподели: