Овошна торта со малини и чоколаден крем 1

Овошна торта со малини и чоколаден крем – матурска торта

Неодоливата за лик и за вкус, а полна и со позитивни емоции! Прекрасната овошна торта со малини и чоколаден крем ни ги освои очите и срцата, а со радост ја споделуваме со сите вас.

Ги обожаваме нештата кои се приготвени со љубов, а оваа торта е баш таква, колоритна и полна со убави емоции! Невена ја подготви со голема љубов по повод матурата на ќерка и, а ние слободно можеме да ја наречеме матурска торта. Ни кажа и нешто повеќе за тоа: „Голема желба на ќерка ми за нејзината матура беше тортата да биде без ореви, лешници или било кое јаткасто овошје. Се одлучив за спој на малини и чоколадо и навистина вкусна испадна, а и лична на изглед.Таа си беше презадоволна, а и ние останатите.“ Ние воопшто не се сомневаме дека тоа е така, па едвај чекаме убава прилика или свеченост за да ја направиме и пробаме!

Може да ве интересира: Тропска овошна торта.

Овошна торта со малини и чоколаден крем 2

Состојки:

За пандишпан:

  • 5 јајца
  • 150 гр шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 5 лажици жешка вода
  • 100 гр путер
  • 100 гр нишесте
  • 120 гр брашно
  • 1 ќесичка прашок за пециво.

За фил од малини:

  • 500 гр малини замрзнати
  • 220 гр шеќер
  • 250 мл вода
  • 80 гр нишесте или 2 пудинзи од ванила
  • 1-2 лажици екстракт од ванила.

За фил од чоколадо:

  • 1 пудинг од чоколадо
  • 250 мл млеко
  • 200 гр шеќер
  • 100 гр чоколадо за готвење
  • 3 јајца + 3 лажици шеќер
  • 200 гр путер.

За натопување на пандишпанот:

  • по потреба сок од шумско овошје.

Подготовка:

  1. Започнете со подготовка на пандишпанот. Путерот стопете го и оставете го да се излади.
  2. Брашното, нишестето и прашокот за печиво измешајте ги.
  3. Одделете ги белките и жолчките, па изматете ги белките со прстофат сол во цврст снег. Жолчките изматете ги со водата и со постепено додавање на шеќерот и ванилата.
  4. Потоа додајте го путерот и повторно изматете.
  5. На крај додајте ги белките и мешајте со лажица, па додајте ги и претходно измешаното брашно со нишестето и печивото.
  6. Смесата турете ја во тава бр.26 намачкана со масло и посипана со брашно. Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути. Печениот пандишпан оставете го да се лади.
  7. Продолжете со подготовка на филот од малини. Малините одмрзнете ги целосно и изблендирајте ги со блендер за да се добие кашеста смеса. Потоа, низ сито со лажица гмечете ги додека се одвои целото пире од семките. Во добиеното пире додајте го шеќерот и дел од водата и ставете ги да зовријат. Во останатата вода растворете го нишестето и додајте го во малините. Мешајте постојано додека се направи густ пудинг. Тргнете го на страна, додајте го екстрактот од ванила и измешајте и покриен оставете го да излади.
  8. Потоа подгответе го филот од чоколадо. Пудингот сварете го со млекото и шеќерот и покриен оставете го да се лади.
  9. Јајцата изматете ги со трите лажици шеќер и варете ги на пареа со постојано мешање околу 10 минути, додека се згуснат и потоа додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте додека се стопи и оставете да излади.
  10. Изладениот пудинг изматете го со путерот, па додајте ја ладната смеса од јајца. Изматете се заедно за убаво да се изедначи кремот. Доколку кремот е премногу мек, пред филовање на тортата оставете го во фрижидер да се стегне.
  11. Откако сте припремиле се, следи филовање на тортата. Пандишпанот исечете го на половина (можете со нож или со конец). Едната половина ставете ја на подлога за торта и со помош на четче натопете ја со сокот. Ставете половина од филот со малини и израмнете го. Над него ставете го целиот чоколаден крем и израмнете го. Другата половина од пандишпанот натопете ја со сокот и намачкајте го со останатиот фил од малини. Ставете го со намачканиот фил надолу така што над чоколадниот фил ќе дојде филот со малини.
  12. Целата торта премачкајте ја со слатка павлака и украсете ја по желба. Уживајте и на здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Овошна торта со јагоди.

Сподели: