Солено бухтле - солена погача со фил 1

Солено бухтле – солена погача со фил

Оваа комбинација на наредени топчиња од тесто со фил има едно интересно име, а тоа е бухтле! Ние денес ви припремивме рецепт за солено бухтле, кое ако ви е полесно, може да го наречете солена погача со фил, како што и нам ни се случува често.     

Ако го пробате, ќе знаете дека станува збор за традиционално и вкусно јадење од европскиот континент, чие потекло се смета дека е од регионот Бохемија од Чешката република. И покрај тоа, се смета дека во развојот на рецептот, голема улога имале австриската, словачката, словенската и унгарската кујна. Филот може да го менуваме по наша желба, а во продолжение е испробаниот рецепт од Невена. Прочитајте го, набавете состојки и на здравје!

Солено бухтле - солена погача со фил 2

Состојки:

За тесто:

  • 200 мл топло млеко
  • 100 мл масло
  • 1 јајце
  • 20 гр свеж квасец
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажиче шеќер
  • 400-500 гр брашно

За фил:

  • 100 гр кашкавал исецкан на коцки
  • 100 гр шунка, поченица или свински врат исецкана на коцки
  • 1 лажиче мајчина душица
  • 1 лажиче мајоран

За премачкување:

  • 1 изматено јајце
  • неколку парченца путер.

Подготовка:

  1. Квасецот растворете го со малку млеко и брашно.
  2. Во сад ставете ги млекото, маслото, јајцето, солта и шеќерот.
  3. Додајте го и квасецот.
  4. Со постепено додавање на брашното замесете средно меко и мазно тесто. Покриено оставете го да кисни додека се волуменот се зголеми двојно.
  5. Потоа, премесете го и поделете го на 22 топчина. Секое топче малку притиснете го со раката, па ставете по 2-3 коцки од кашкавалот и шунката, како и по прстофат од зачините. Убаво затворете го и обликувајте топче.
  6. Наредете ги во тркалезна тава бр. 26, намачкана со малку масло и оставете ги киснат уште 30-35 минути.
  7. Пред печење премачкајте ги со изматеното јајце и наредете неколку парченца путер.
  8. Печете во загреана рерна на 180-190 степени, околу 35 минути или печењето одредете го во зависност од вашата рерна.
  9. Испеченото солено бухтле покриено со фолија оставете го малку да олади и послужете го со јогурт, павлака, сирење, по желба. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Сончоглед погача со спанаќ и сирење.

Сподели: