Фанурија – колачот кој исполнува желба

Фанурија или фануропита е лепче кое се меси за радост, за убави нешта во животот на оној кој го прави и неговото семејство. Во различните краеви на Македонија постои верување дека при благословување на лепчето, верниците замислуваат желби, а подоцна тие им се исполнуваат.  

На оваа тема, повеќе информации за празнувањето на Свети Фануриј ни испрати Архимандрит Иринеј, на кој му сме многу благодарни. Тој вели: „Свети Фануриј е маченик од првите векови на Христијанството, кога Христијаните биле гонети и убивани заради својата вера. Неговиот спомен се слави на 27 август (што по нов календар се паѓа 9 септември). За неговото житие нема многу детали, освен тоа што се знае дека бил војник и дека пострадал заради исповедање на својата вера. Исто така е познато дека неговата мајка била грешничка – немилостиво се однесувала кон сиромасите. Заради тоа, свети Фануриј, измолил од Бога, во моментот на неговото страдање – Господ да им помогне на сите оние кои ќе се помолат за спасението на неговата мајка. Токму затоа и се прави фануропитата, како еден принос кон светителот, кој откако ќе се благослови, се раздава на верните, како милостина, за спасение на душата на мајката на свети Фануриј.

Значи, во црква свештеникот ја благословува фануријата и таа се принесува и се раздава со молитвата „Спаси ја, Господи, грешната мајка на Свети Фануриј, а и мене, грешниот, помогни ми.“

Следствено, фануропитата не се принесува заради исполнување на желби, туку со оваа посебна молитва. Бидејќи името Фануриј на грчки е поврзано со зборот „фанеро“, што значи „објавува“, многумина кога ја принесуваат фануријата, му се молат на свети Фануриј нешто да им објави, односно да им открие – најчесто се работи за некој изгубен предмет, или слично. Во секој случај, не постои замислување желби поврзано со оваа пита. Ако некаде во Македонија постои таков обичај, тоа е на ниво на „бабини деветини“, односно погрешно разбрани работи.“

Свети Фануриј се празнува на 9-ти Септември, а кај народот постои верување дека помага во исполнување на желбите на луѓето. По тој повод верниците замесуваат колач од 9 состојки. Обичај е ова лепче на кое е ставена свеќа, заедно со малку црвено вино да се носи во црква и да биде благословено од поп. Откога лепчето е благословено се крши со раце и се раздава со добра мисла на останатите верници во црквата, во домот, на пријателите и слично. Карактеристично е што додека се меси лепчето личноста која го меси се моли за благодет, среќа и мир во семејството, а потоа си замислува желба.

Како и за многу други обичаи, народните верувања се различни од пораките кои ги испраќа црквата, па како ќе се одлучите да го прославувате овој празник, оставаме на вас!

Испробан рецепт за Фанурија

Состојки: 

  • 700 гр брашно
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 100 гр суво грозје
  • 250 грама шеќер
  • 1 филџанче масло
  • 1/2 лажица сода бикарбона
  • 1 лажица сол
  • 1 квасец
  • млака вода по потреба.

Подготовка:

  1. Се замесуваат сите состојки заедно и се формира колач.
  2. Се печи на 200 степени додека не добие убава боја.

Нека е на здравје и нека ви се исполне желбата!

Фанурија - колачот од 9 состојки за исполнување на желба

Сподели: