наизменичен пост 1

Што е наизменичен пост или intermittent fasting?

Можеби сте слушнале за наизменичен пост (intermittent fasting), а можеби не. Дел од вас можеби и го применувале или го применуваат овој начин на исхрана. Како и да е, наизменичното гладување или „фастинг“ веќе стекна популарност кај нас, а во светот пак, веќе одамна се зборува за него. Па, ајде да дознаеме нешто повеќе за овој нов тренд!

Наизменичен пост или наизменично гладување е метод на исхрана кој во последно време станува сѐ попопуларен. Во светот е познат под името intermittent fasting. Главно се користи за регулација на телесната маса, а по мислењата на некои експерти и сведоштва на оние кои го практикуваат, овој начин на исхрана до некоја мера, може да биде корисен за здравјето и справување на организмот со болестите.

наизменичен пост 2

Што всушност значи „фастинг“ и дали секој може да го прави?

Суштината на наизменичниот пост е меѓу оброците да има растојание од поголем временски период. Буквалниот превод е прекин со јадење од еден до друг термин, обично од вечерта до утрото – што не е правило и може да се менува според животниот стил на индивидуата. На пример тоа растојание – прекин на јадење, може да е 10, 12 или 16 часа, до 24 часа и повеќе, но тоа е обично пред фитнес натпревари и не е за секого. Мора да напоменеме дека долг „фастинг“ е исклучиво за искусни и постапно добро навикнати личности. Доколку сте почетник, најдобро е да се обидете со скратување на „прозорецот на хранење“ полека полека. Што значи тоа? – Започнете со 12 часовен „прозорец на хранење“ и 12 часа прекин на јадењето. Потоа, ако се чувствувате добро, продолжете да го зголемувате времето на прекин на јадење, односно да го скратувате „прозорецот на јадење“ на 10, а уште подобро на 8 часа. Всушност, најчесто применуван начин на наизменичен пост или „фастинг“ е 16:8, или 16 часа прекин со јадење и 8 часа предвидени за вкупните оброци во денот. 24 часовен фастинг применуваат само искусни индивидуи и обично со некоја цел која не е слабеење, па наша должност е да ве предупредиме дека ако го пробате тоа растонаие од јадење може да не е добро за вашето здравје. Запомнете, умерено и полека.

Што се постигнува со „фастингот“? – Физиолошки гледано, огранизмот почнува да се храни и останува во состојба на хранење додека ја апсорбира и вари храната. Тоа трае отприлика 4 до 5 часа. За тоа време, нивото на инсулин во крвта е високо и затоа организмот не го користи вишокот на масти. Меѓутоа, ако откако сме го изеле оброкот, не јадеме ништо наредните 12 часа или повеќе, организмот влегува во состојба на пост или гладување. Тоа е идеално за да почнат да се користат телесните масти. Овој механизам може да се искористи како редукциона диета, односно диета за слабеење. Исто така, го намалува ризикот од некои болести, затоа што организмот има време да „работи“ на опоравување каде што треба.

Забрзано ги согорува мастите и ги намалува килограмите

Кога се храниме според вообичаениот распоред на оброци, механизмот на трошење на мастите никогаш не започнува, затоа што практично на секои 4 до 5 часа, ако не и почесто, јадеме нешто. Ама, ако го продолжиме времето измеѓу два оброци за неколку часа, може да го поттикнеме согорувањето на масти, поточно го охрабруваме организмот да започне да ги користи резервите на масти како извор на енергија и на тој начин се губи и вишокот на телесна маса.

Позитивно влијае на здравјето

Наизменичниот пост помага во намалување на желбата за храна, го подобрува расположението и ја зголемува меморијата. Го регулира нивото на шеќер во крвта, го намалува ризикот од појава на некои болести, а исто така помага и за регулација на телесната маса. Се разбира, како и со секој режим на исхрана, и со наизменичното гладување не треба да се претерува затоа што може да даде спротивен ефект.

Ви препорачуваме да прочитате: 8 мали трикови за полесно слабеење.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: