2 начини за складирање на лозов лист

Сезоната на лозовиот лист е во полн ек. Слушаме по улиците, помеѓу друштвата, читаме разговори во групите, време е да се набере и складира за подоцна. Секој кој пробал од неверојатно вкусните сармички, сака да има и за есента и зимата. Па, драги читатели и читателки, сега е времето за складирање на лозов лист. Еве 2 испробани методи.

Пред да преминеме на нив, да напоменеме дека, важно е да не се прскани. А освен сармички, како идеја може да ви кажеме дека ние често пати правиме чорбичка со лозов лист. Во овој случај користите слични состојки, а лозовиот лист го сечкате наместо цел. Смесата се вари во поголема количина вода и добивате чорбичка за јадење со лажица. И двата начини на складирање функционираат, со кој и да се обидите нема да згрешите.

2 начини на складирање на лозов лист 2

Складирање на лозов лист со обарување и замрзнување

При овој начин на складирање, свежо набраните зелени листови се обаруваат за време од 1 минута во врела вода. Потоа по желба може да ги потопите во ладна вода барем 1 минута, или да ги оставите да се изладат природно. И во двата случаи, резултатот е добар и не постои точна или грешна одлука. Се остраваат да се исцедат и изладат, а потоа се складираат во добро затворени најлонски ќеси.

Препораки плус: Пред обарувањето може да ги наредите по 20 лозови листови, еден над еден и така наредени да ги обарите и исцедите. Ова е посебно корисно ако ги припремате за подготовка на сарми.  За тава бр.28, потребни ви се барем 40 лозови листа за подготовка на сармички. Доколку сакате со нив да правите манџа/чорба, не мора да ги редите. Зависно од големината на листовите доволни ви се 20 поголеми или 40 помали за подготовка на чорба со лозов лист во една доза/ќеса.

Складирање на лозов лист со конзервирање во тегли

При овој начин на складирање, лисјата се редат во тегла. Прво се мијат со вода. На дното на теглата се става сол. Се редат неколку листови, па се става ред сол и така додека се наполни. На крајот се дополнува со бело вино да ги покрива лисјата. За оваа постапка препорачуваме по 40 лисја во тегла или тоа е колку за едно јадење.

Ви препорачуваме да прочитате: 4 рецепти за сарма од лозов лист.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: