3 рецепти за Фанурија – фануропита од уредничките на Сѐ за храна

Наближува празникот! Ќе правите ли Фанурија или некаде позната како Фануропита? 

Некој за желба, некој со верба, а некој за обичај…, како и да е, подготовката на ова слатко лепче, традиционално од 9 состојки, носи убави емоции! Лесно ќе запомните, од 9 состојки на 9-ти септември. Нека е за многу години празникот и на сите убавини нека донесе!

фанурија

Брз и лесен рецепт за вкусна Фанурија

Едноставна подготовка, добра мисла и убави емоции! Ова е мојот најнов рецепт за Фанурија, кој спонтано го подготвив лани, а годинава ќе го повторам, затоа што многу ни се допадна вкусот на сите кои пробавме, а подготовката е претерано едноставна! – вели Катерина од нашиот тим.

Состојки:

  • 2 чаши брашно
  • 1 лажиче сода бикарбона
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1/2 чаша кафеав шеќер
  • 1 чаша сок од портокал
  • 1/3 чаша масло
  • 50 г суво грозје
  • 50 г сечкани лешници
  • рендана кора од половина лимон.

Подготовка:

  1. Сите состојки се мешаат и не се остава да отстои. Народната традиција вели, додека мешате,да си ја повторите вашата желба 3 пати.
  2. За печење направив ,,калап” од хартија бидејќи сакав мала, а висока Фанурија.
  3. Рерната се загрева на 200 степени, па се печи на 180 степени околу 35-40 минути. Декорирав со малку од сечканите лешници. На здравје и за убаво!

Стар рецепт за Фанурија

Стара слика од архивата, која ближи скоро една декада и потсетува на убавите емоции од подготовката на Фануропита за прв пат! – срдечно споделува Катерина.

Фанурија

Состојки:

  • 700 гр брашно
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 100 гр суво грозје
  • 250 грама шеќер
  • 1 филџанче масло
  • 1/2 лажица сода бикарбона
  • 1 лажица сол
  • 1 квасец
  • млака вода по потреба.

Подготовка:

  1. Се замесуваат сите состојки заедно и се формира колач.
  2. Се печи на 200 степени додека добие убава боја. Се декорира по жеба. На здравје!

Рецепт за Фанурија со сок од портокал и цимет

Катерина ме инспирира да го споделам мојот рецепт за фануропита или фанурија во пресрет на празникот. Превкусна е, како торта. – додава Марија од нашиот тим.

Состојки:

  • 1 чаша шеќер
  • 1/2 чаша масло
  • 2 чаши сок од портокал (користам 100% сок од портокал)
  • 3/4 чаша суво грозје
  • 3/4 чаша потпечени сецкани ореви
  • 1 лажичка сода бикарбона
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 4 чаши брашно
  • цимет по вкус.

Подготовка:

  1. Измешајте ги шеќерот и маслото додека да се згустат.
  2. Растворете ја содата во сокот од портокал и истурете ја полека во шеќерната мешавина. Додајте ги другите состојки и истурете во намрсен плех или плех обложен со хартија за печење (големина 28, а може и во 26). Јас ја печам со хартија за полесно да се извади.
  3. Печете на 180ºC околу 45 минути. Оставете да се излади.
  4. Исечете на коцки, откако ќе биде благословено од свештеникот.

За повеќе испробани рецепти и идеи, разгледајтe и заследeте ги на нивните профили:

Катерина Шамбевска Спасеновска:

Марија Кочовска:

Како и за многу други обичаи, народните верувања се различни насекаде па дали ќе се одлучите да го прославувате овој празник, останува на вашата желба.

Автори на рецептите и фотографиите: Катерина Шамбевска Спасеновска и Марија Кочовска.

Ви препорачуваме да прочитате: Фанурија – колачот кој исполнува желба.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: