празнична декорација на салфетки - круна, ѕвезда и лист

3 начини за празнична декорација на салфетки – ѕвезда, лист и круна

Новогодишните празници доаѓаат, а на секоја свечена трпеза големо внимание привлекува празничната декорација на салфетки, посебно ако истите се декорирани во вид на ѕвезда, круна или лист. Откако сите специјалитети се подготвени, време е да им се посветите на чиниите, салфетките и приборот за јадење.

Доколку немате идеја, следете ги инструкциите и погледнете го видеото со трите предлози – круна, лист и ѕвезда кои совршено ќе се вклопат на празничната трпеза. Потребно ви е малку време и хартиени салфетки со димензии и боја по ваш избор.

Техника за декорација на салфетки во форма на круна

  1. Салфетката отворете ја така што ќе добиете форма на правоаголник. Потоа, едниот крај на салфетката превиткајте го кон центарот во форма на триаголник. Постапката повторете ја и со другиот крај.
  2. Салфетката внимателно свртете ја на другата страна и превиткајте ја хоризонтално, при што ќе ги оставите врвовите да не бидат свиткани.
  3. Потоа, почнувајќи од краевите превиткајте една третина кон центарот на салфетката и вовлечете го крајот во внатрешноста. Повторно свртете ја салфетката и повторете ја постапката, така што и другиот крај ќе го превиткате за една третина кон внатрешноста. Вака формираната салфетка во форма на круна, отворете ја и поставете ја во чинијата.

Техника за декорација на салфетки во форма на лист

  1. Салфетката целосно отворете ја и превиткајте ја дијагонално, така што ќе добиете форма на триаголник.
  2. Од долната страна на триаголникот, превиткајте хоризонтално со ширина од околу 1 см. Потоа, свртете ја салфетката од другата страна и повторете ја постапката. Овој начин на превиткување продолжете го до врвот на салфетката, така што треба да добиете форма на лепеза.
  3. Салфетката свиткајте ја на половина во центарот, а двата краеви спојте ги со мала шнола за коса.

Техника за декорација на салфетки во форма на ѕвезда

  1. Салфетката целосно отворете ја и горниот дел хоризонтално превиткајте го на половина кон внатрешноста. Постапката повторете ја и со долниот дел на салфетката, така што треба да добиете форма на правоаголник.
  2. Потоа, правоаголникот свртете го, така што пократките страни треба да бидат горен и долен дел. Започнете со превиткување хоризонтално, исто како да формирате лепеза.
  3. Краевите на лепезата, превиткајте ги во внатрешноста, за да добиете форма на триаголници. На крај отворете ја салфетката, формирајте ѕвезда, а краевите прицврстете ги со мали шноли за коса.

Сподели: