Зголемен крвен притисок, проблеми со желудник, силно чукање на срцето, несоница, панични напади… Најпопуларниот напиток на светот – кафето не секогаш влијае поволно и не секому е од корист. За среќа, постојат здрави и вкусни алтернативи како замена за кафе кои ќе ги засакате.
За многумина кафето е повеќе од обичен пијалок. Ретко кој може да си го замисли денот, особено утрото без шолја кафе. И покрај тоа што кафето се смета за здрав напиток, претераната консумација може да го наруши психофизичкото здравје. Се препорачуваат една до две шолји кафе на ден. Кафето има благотворни дејства, но само кога е ограничена неговата консумација. Ако кафето ви прави здравствени проблеми, заменете го со други здрави напитоци.

Зелен чај за подобра концентрација
Зелениот чај е моќен антиоксиданс кој го успорува процесот на стареење и штити од болести. Ја подобрува работата на мозокот и го намалува ризикот од невродегенеративни пореметувања како Алцхајмерова болест. Интересно за зелениот чај е тоа што истовремено смирува и опушта, ама и го разбудува организмот и ја зголемува концентрацијата. Луѓето во Кина и Индија одамна го користат зелениот чај за ослободување од вишокот на вода во телото.
Цикорија за кардиоваскуларно здравје
По вкус е слична на кафето. Цикоријата е богата со витамините А и Ц, калиум, железо, манган, магнезиум и инулин. Поволно влијае на нивото на шеќер во крвта и го намалува холестеролот. На тој начин го штити кардиоваскуларниот систем и го намалува ризикот од срцев и мозочен удар. Цикоријата позитивно влијае и на дигестивниот тракт, делотворна е при артритис, гихт и реума. Ја намалува напнатоста и нервозата и делува аналгетски кај болки во зглобовите и мускулите. Цикоријата го подобрува и имуниот систем и создава чувство на ситост, па се препорачува при слабеење.
Чај од ѓумбир за зајакнување на имунитетот
Чајот од ѓумбир е познат како напиток кој го подобрува здравјето на дигестивниот и крвниот систем и го зајакнува имунитетот. Не содржи кофеин, но сепак го буди организмот и ја поттикнува работата на мозокот. Чајот од ѓумбир делува антиканцерогено, го поттикнува согорувањето на масти и така помага за слабеење, го намалува чувството за глад и го забрзува метаболизмот. Бидејќи ѓумбирот го намалува крвниот притисок, ја разредува крвта и го поттикнува лачењето на жолчна киселина, не се препорачува на лица кои страдаат од камен во жолчка, лица кои земаат лекови за намалување на притисокот, како и на лица кои земаат лекови против згрутчување на крвта.
Чај од нане против дигестивни проблеми
Чајот од нане освежува, опушта и го смирува желудникот после оброк. Помага при проблеми со дигестијата, болки во стомакот, мачнина и подуеност. Го зајакнува имунитетот, поволно делува на дишните патишта, а одличен е и за нега на осетлива кожа.
Ви препорачуваме да прочитате: Природен напиток против несоница.