Сигурно и вие имате по некоја грешка во кујната, при подготвување на десерти, но тоа не треба да ве спречува одново да се обидете да експериментирате со нови рецепти. И на најискусните слаткари им се случило тортата која ја приготвуваат да не изгледа совршено како што посакувале и покрај тоа што имаат големо искуство.
Не се откажувајте така лесно. Ако ги применувате овие совети, ќе се изненадите од вашите кулинарски способности, при подготовката на домашна торта:
Одредете ја големината на тортата
Изгледот на тортата и големината секогаш се одредува во зависност од прославата и нејзиното значење (роденден, празник, свадба и сл.). Пресметајте колку пријатели имате покането на забавата, за да одредите која големина на торта ви е потребна. Од ролатите и правоаголните торти може да исечете 20 парчиња. Доколку ви се имаат најавено повеќе гости, одлучете се за поголема торта во форма на квадрат.
Тајната на кремастите филови е …
Освен убаво приготвениот пандишпан, кремастиот и сочен фил е составен дел на секоја вкусна торта. Филовите за торта се подготвуваат на различни начини: со путер, кремови, пудинг, слатка павлака и сл. Основно правило е филот да биде убаво изматен. Штом користите путер или маргарин за подготовка на филот, многу важно е претходно да биде чуван на собна температура најмалку 1 до 2 часа. Тоа ќе придонесе состојките за филот подобро да се соединат, со што ќе се добие кремаста смеса. А, кога ја филувате тортата, секогаш нанесете фил на страната од која се печела тортата.

За тортата да има богат вкус направете ја еден ден порано
Тортите со крем и овошје направете ги еден ден порано, и оставете ги да стојат во фрижидер до служењето. Со тоа, вкусовите на пандишпанот и филовите на тортата ќе се соединат и ќе се добие богат и исполнет вкус.
Декорирајте ја тортата исто како од слаткарница
За да ја декорирате тортата поставете ја на рамна чинија. Горниот дел и страните од тортата можат да се украсат на различни начини: со шлаг, чоколадна глазура, чоколaдни трошки, ореви, со филот со кој е филована тортата. Многу декоративно и свежо изгледаат тортите кои се украсени со свежо или конзервирано овошје.
Послужете ја тортата како искусен слаткар
Штом ја сечете тортата, ви се распаѓаат парчињата и се одделува филот од пандишпанот? За да не ви се случи тоа повторно, тортата сечете ја парчиња со специјален нож, кој претходно ќе го чувате во чаша со вода, а потоа со помош на лопатка за торта, внимателно парчињата ставете ги во чинија за послужување.
Со тортата се служат десертни пијачки, лимонада и вода. Со овошна торта, може да послужите сок од овошје од кое е направена тортата.