Ставањето на свежи намирници во фрижидер е навика, бидејќи сите мислат дека тие таму ќе останат подолго свежи, но тоа не е секогаш најдобро. Проблемот настанува кога фрижидерот е преполн со намирници, како што е овошјето и производи кои во себе содржат висок процент на вода. Наш совет е некои производи, а често пати тоа се некакви овошја и зеленчуци, да ги чувате надвор од него, на собна темперетура.
За разлика од лимонот кој ќе ги задржи сите свои сокови доколку го чувате во фрижидер, некои производи ќе имаат многу подобар вкус ако ги чувате на собна температура. Ниската температура кај некои намирници може да предизвика промени во нивната текстура и вкус. Во продолжение ви претставуваме листа на намирници кои никогаш не треба да ги чувате во фрижидер.

Зимска тиква
Тиквите никогаш не би требало да ги чувате во фрижидер, бидејќи тие заземаат многу простор, но и затоа што вкусот ќе им се промени од престојот во фрижидерот. Тиквите би требало да ги чувате на темни места и да внимавате во нивната околина да нема некои други намирници, бидејќи тие брзо се расипуваат ако дојдат во контакт со друг зеленчук или овошје.
Црвен кромид
Експертите советуваат дека црвениот кромид би требало да се чува на поладно место во кујната, но никако во фрижидер. Тој исто така треба да се чува и подалеку од прозорците. Кромидот без проблем може да остани и цела седмица на работната површина само треба повремено да го преместувате.
Компир
Ладната температура во фрижидерот може да предизвика дисколорација и промена во вкусот на компирите. Тие би требало да се чуваат на места кои се подалеку од сончева светлина. Компирите е најдобро да се чуваат во некоја корпа на ладно и темно место во кујната.
Ѓумбир
Иако повеќето луѓе ќе ве советуваат ѓумбирот да го чувате во фрижидер, тоа не е добра опција бидејќи на ладна температура тој брзо се суши, па сите влакна ќе му излезат надвор. Но, и ѓумбирот кој ќе го чувате на работната површина во кујната треба да внимавате да не е изложен на директна сончева светлина. Доколку го излупите ѓумбирот, тогаш тој треба да се чува во фрижидер, но претходно завиткајте го во најлонска фолија.
Лук
И лукот исто така, може да го чувате на работната маса. Единствено во тој случај може да изрти, но ‘ркулците не се штетни. Но, доколку го чувате во фрижидер тој ќе стане горчлив.
Свежи зачински билки
Ова правило единствено не важи за рузмаринот, тој е исклучок и треба да се чува во фрижидер. Но, сите останати зачини, вклучувајќи го и босилекот, ќе останат многу подолго време свежи доколку ги чувате покрај прозорецот на сончева светлина. Исто така, зачините треба да се чуваат во чаша со вода, исто како цвеќе. Сепак, доколку одлучите да ги чувате во фрижидер, менувајте им ја водата редовно, а делот кој останува надвор од чашата, обвиткајте го со најлонска ќеса и гарантирано ќе може да го користите зачинот како свеж најмалку 1 седмица.
Банани
Бананите од фрижидер воопшто не се добри за јадење, но ова сигурно веќе сите го знаете. Доколку се чуваат во фрижидер тие брзо ќе поцрнат и ќе се расипат, бидејќи нив не им одговараат ниски температури.
Ви препорачуваме да прочитате: Совети за правилно чување на храната во фрижидерот.