Се обидувате да се храните избалансирано и да ги внесувате сите витамини и минерали преку свежа и разновидна храна, но и покрај сите напори да јадете здраво, понекогаш чуствувате физички знаци и сигнали дека нешто му недостига на вашиот организам? Можеби имате недостаток на витаминот Б 12 без притоа да сте свесни за тоа. Во продолжение прочитајте кои се најчестите симптоми кои се јавуваат при недостаток на овој витамин.
Витаминот Б12 е од суштинска важност за здравјето, бидејќи телото го користи за да произведе црвени крвни клетки, ДНК и нервни завршетоци. Но за жал, за разлика од повеќето витамини, Б 12 не се среќава често во растителната храна, па како резултат на тоа, лицата кои се вегани или вегетаријанци се најчесто подложни на дефицит на Б 12. Исто така, и лицата кои се заболени од ХИВ, кои имале операција за губење на тежина, како и лицата со одредени дигестивни нарушувања како што е Кроновата болест, се под зголемен ризик за дефицит на витамин Б12.

Има и група на луѓе на кои им е потребен повеќе од обично во определен период од животот. Таков типичен пример се бремените жени и доилките, кои заради потребите на детето имаат зголемени дневни потреби за овој витамин. Прочитајте ги следниве симптоми и доколку се препознаете во некои од нив, можеби е време да се консултирате со вашиот лекар и да проверите дали имате недостаток на витаминот Б12.
Може да ве интересира: 9 симптоми кои укажуваат на недостаток од витамин Б1.
Чувство на умор и вртогавица
Доколку често се чувствувате уморни, можеби имате недостаток на Б12. Овој витамин е важен за аеробната енегија во телото. Доколку имате недостаток на овој витамин, телото не добива доволно количество на енергија и кислород, па може да почувствувате и лесна вртоглавица.
Чувство на слабост и трнење на рацете и нозете
Чувството на слабост во рацете и нозете, како и појавата на трнење, може да биде знак на дефицит на Б 12.
Непријатна болка во зглобовите
Непријатната болка во зглобовите која не е резултат на повреда или хронично воспаление како артритис, може да сугерира на недостаток на витаминот Б 12. Исто така, лицата кои имаат недостаток од овој витамин имаат и побавни рефлекси.
Појава на засилено чукање на срцето или задишаност
Недостаткот на здив, прескокањето на срцето како и неговото забрзано чукање може да бидат поврзани со недостаток на витаминот Б 12.
Чувство на слабост
Во една студија која била спроведена на лица кои страдаат од тежок облик на недостаток од Б 12, еден човек доживеал проблеми со движењето поради слабоста предизвикана од дефицитот на овој витамин. Исто така, кај овие лица покрај мускулната слабост биле забележани и проблеми со рамнотежата.
Пожолтување на кожата
Кај лицата кои имаат недостаток на витамин Б12 може да дојде до пожолтување на кожата.
Воспаление на јазикот
Кај некои пациенти кои страдаат од недостаток на Б12 може да се појави и воспаление на јазикот. Други симптоми кои може да се јават во усната шуплина се појава на мазен јазик и намалено чувство на вкус.
Ви препорачуваме да прочитате: Витамин Б12 – нутриент клучен за добро здравје.