сол-препораки

4 знаци кои предупредуваат дека консумирате премногу сол

Солта е од суштинско значење за нашето здравје, бидејќи таа е неопходна во процесот на одржување на нормалните телесни функции. Одговорна е за балансирање на количеството на течности во организмот, одржувањето на нормални мускулни контракции и извршување на нервните функции.

И покрај тоа што е многу важна за здравјето, консумирањето на прекумерни количини сол може да биде исклучително штетно. Зголемената употреба на сол ги оптоварува бубрезите, срцето и крвните садови, а смртноста од овие заболувања во светот континуирано расте. Дневниот внес на сол треба да изнесува најмногу 6 грама, што одговара на една кафена лажичка сол. Меѓутоа, ако страдате од срцева слабост, висок крвен притисок, шеќерна болест или заболување на бубрезите, максималната дневна доза на внесено количество сол во организмот не треба да надминува повеќе од 1,5 грама.

Еве неколку знаци по кои ќе препознаете дали внесувате премногу сол во вашиот организмот.

Екстремна жед

Еден од најчестите предупредувачки знаци дека консумирате премногу сол е големото чувство на жед. Ако во текот на ноќта или во утринските часови, се будите жедни, тоа може да значи дека претходниот ден сте консумирале премногу сол. Имајте на ум доколку ова чувство ви прерасне во секојдневна навика, тогаш значително ќе треба да го смените начинот на вашата исхрана, пред оваа прекумерна употреба на сол да почне негативно да влијае врз вашето здравје.

Се чувствувате надуено

Прекумерниот внес на сол може да доведе до чувство на надуеност. Натриумот е минерал кој природно ја задржува водата, а како резултат на тоа се појавува чувство на надуеност. Ако често го имате тоа чувство, тогаш тоа е сигурен знак дека внесувате премногу сол во организмот.

сол-препораки

Висок крвен притисок

Еден од главните и најопасен знак кој ве предупредува дека имате вишок сол во организмот е покачениот крвен притисок. Покрај другите здравствени проблеми, тоа може да претставува ризик од срцеви заболувања и мозочен удар. Кога бубрезите не можат да се ослободат од вишокот на сол, тогаш таа оди во крвотокот. Притоа волуменот на крвта се зголемува, поради својството на натриумот да ја задржува водата. Поголемите количини на сол, го зголемуваат крвниот притисок и го принудуваат срцето да работи уште потешко со цел да пумпа крв низ крвните садови, а со тоа се врши притисок врз артериите и други органи.

Остеопороза

Уште едно штетно дејство од консумирање на премногу сол е ризикот од развој на остеопороза. Слабите коски се последица на намалена коскена густина, тогаш тие стануваат слаби и кршливи. Вишокот на сол ја попречува способноста на вашето тело да апсорбира калциум, кој е од суштинско значење за изградбата и одржувањето на здравјето на коските. За да се избегне ова, треба да се внесува помалку сол во организмот, бидејќи на тој начин може да се избегне слабеење на коските и да се намали ризикот од развој на остеопороза.

Неколку совети како да го намалите внесот на сол

  • Избегнувајте да консумирате брза храна и преработени производи.
  • Готовите супи заменете ги со домашна супа, во која ќе додадете малку сол.
  • Јадењата наместо со сол зачинувајте ги со пипер, лук, оригано, нане, босилек, мајчина душичка и други зачини.
  • Во салатите не ставајте сол, зачинете ги со лимон или оцет.
  • Пијте 6-8 чаши вода за да може да го исфрлате вишокот сол од организмот.

Сподели: