Лешници за добро здравје и енергија

Лешниците се омилените јаткасти плодови на многумина, а препознатливата арома и вкус овозможува тие да се користат на многу начини. Долго време, лешниците се познати и користени не само како храна, туку и како дел од различни ритуали и прослави. Лешникот се смета за симбол на плодноста и во минатото често се користел како важен детал на свадбените свечености.

Потекло и распространетост на лешниците

Латинското име на лешниците е Corylus avellana, што во превод значи капичка или кацига. Тоа се изрази кои веродостојно го отсликуваат изгледот на лешниковиот плод во неговиот природен облик на стеблото, опколен со својата „капичка“.

Иако лешниковото стебло е раширено во поголем дел од територијата на Европа, за комерцијални цели го произведуваат само 4 земји како што е Турција каде се произведува околу 75% од светското производство. Потоа следат Италија, Шпанија и Северна Америка.

лешници

Состав и нутритивни карактеристики

Лешниците во својот состав содржат значајни количини на есенцијални масни киселини, многу витамини и минерали кои ја спречуваат нивната оксидација. Особено е важна застапеноста на витаминот Е со кој лешниците се многу богати и витаминот А чие присуство е посебно интересно, бидејќи е голема реткост да биде застапен во составот на јаткастите плодови (уште наречени оревести плодови). Овие два витамини се одлични антиоксиданси кои го неутрализираат дејството на слободните радикали, а со тоа се превенира појава и развој на канцерогени клетки. Покрај витамините А и Е, лешниците се значаен извор на витаминот Б6, Б1(тиамин) и фолна киселина.

Од минералите најзастапен е селенот, кој е познат антиоксиданс, а потоа следуваат манганот, бакарот, железото и цинкот.

Освен тоа лешниците го содржат и фитостеролот именуван како ситостерол, кој придонесува за намалување на холестеролот во крвта.

Во 100 грама лешници има:

  • Енергија – 628 калории
  • Протеини – 14,95 гр
  • Масти – 60,75 гр
  • Јаглени хидрати – 16,7 гр
  • Растителни влакна – 9,7 гр.

Лековити својства на лешниците

Најновите истражувања покажуваат дека лешниците се одлични во превенција на срцеви заболувања и надополнети со медитеранска исхрана (која подразбира повеќе риба, лук, вино, свеж зеленчук и што помалку брза храна) даваат извонредни ефекти по здравјето.

Во народната медицина од лешниковата кора се прави чај кој се користи за облоги при отворени рани и против проширени вени на нозете. Чајот е добар и како лек против проливи, а се користи и за лечење на хемороиди.

Кратки заклучоци за лешниците:

  • Лешниците можат да бидат феноменална алтернатива и замена на вашиот меѓуоброк – ужинка!
  • Мелените лешници можат делимично или во потполност да го заменат брашното во колачите.
  • Одлично се комбинираат со кафе и мед, моркови во салата и лимонова кора како додаток на пилешко месо.

Сподели: