Овој Божиќ израдувајте ги вашите најблиски со божиќна печена мисирка. Овој рецепт совршено одговара со бело вино. Печената мисирка е јадење кое се служело низ кралските дворови за време на најсвечените настани. Месото од мисирка е малку потемно и има поинтензивен вкус за разлика од пилешкото, а некои по вкус го споредуваат дури и со телешкото.
Доколку се одлучите за вашиот божиќен ручек да послужите печена мисирка, никогаш не одбирајте голема мисирка. Идеална тежина е од 3,5 до 5,5 кг. Ова месо е помрсно од пилешкото, но сепак не е мрсно како другите животински меса. Доколку ја купите замрзната, оставете ја преку ноќ во фрижидер за да се одмрзне. Најважно е пред приготвувањето на месото да се отстрани мрсниот слој од мисирката.

Можете да ја печите и без полнење, но за свечени моменти обично се користат и додатоци. Па така, Евреите ја полнат со јаболка, црвена зелка и костени, Германците ја приготвуваат со кисела зелка и пире од компири, а Скандинавците ја полнат со суви сливи и јаболка. На запад пак ја сакаат зачинета со жалфија и лук.
Состојки:
- 2 мандарини или 1 портокал
- 3-4 моркови, исечкани на кругови
- 4-5 излупени компири
- 2-3 чешниња лук, покрупно исечкани
- 5-6 стебленца целер, исчистени и исечкани
- ¼ чаша стопен путер
- ½ лажица сува жалфија
- ½ лажица сол
- ¼ лажица црн пипер
- мисирка од 3-4 кг.
Подготовка:
- Загрејте ја рерната на 210 степени.
- Дел од кората од мандарини или од портокал изрендајте ја и промешајте ја со половина од стопениот путер, жалфија, сол и црн пипер.
- Мисирката ставете ја во поголем плех за печење и премачкајте ја со смесата од зачини.
- Преостаната кора исечкајте ја на четвртинки и заедно со дел од лукот ставете ги во внатрешноста на утробата на мисирката.
- Морковите, компирите, целерот и останатиот дел од лукот добро исчистете ги и исечкајте ги на покрупни парчиња, па распределете ги околу мисирката. Додајте ја и останатата половина на путер.
- Најпрво мисирката печете ја на 210 степени за време од 30 минути, па намалете ја температурата на 160-170 степени и на таа температура печете ја дополнително уште 2-2,5 часа. Температурата во внатрешноста на месото би требало да изнесува околу 80 степени.
- Додека се печи мисирката повремено преливајте ја со течноста која ја испуштила.
- Откако ќе се подизлади, сервирајте ја на чинија заедно со зеленчукот со кој се печеше. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: 8 чекори како да направите совршено вкусна мисирка за Божик како Џејми Оливер.