Ние ги обожаваме иновативните рецепти со кои од малку состојки може да направиме интересни и брзи јадења. Блогот на нашата пријателка Лана изобилува баш со такви рецепти – едноставни, превкусни и што е најважно со лесно достапни намирници. За денес, издвоивме за вас еден необичен рецепт за брза пица од леб. Совршена за деновите кога не ви се готви, а сепак сакате да направите нешто вкусно за најблиските.
Убавото кај овој рецепт е тоа што на многу лесен начин може да го искористите вишокот на стар леб кој ви се собрал дома, а не сакате да го фрлите. Кога лебот е подготвен на овој начин, сигурни сме дека никој нема да има никаква забелешка. Нешто што мора да се проба!

Состојки:
- 8 парчиња стар леб
- домати од конзерва
- 1 чешне лук
- сол по потреба
- 3 јајца
- млеко по потреба
- неколку парчиња кашкавал или некое друго сирење по ваша желба
- оригано и босилек по желба
- путер за премачкување
- свежи листови босилек по желба.
Подготовка:
- Најпрво лебот исечете го на парчиња и потопете го во малку ладно млеко.
- Секое парче леб внимателно исцедете го од вишокот на млеко. Притоа внимавајте истото да не го изгуби обликот.
- Натопените парчиња леб наредете ги во калап или плех за печење кој претходно сте го премачкале со путер. Пожелно е лебот да го исечите на помали парчиња за да може полесно да го наредите во калапот.
- Во тава на оган во малку загреано масло испржете ситно сечкан лук.
- Потоа додајте ги и доматите од конзерва. Посолете ги и зачинете ги по вкус. Динстувајте ги околу 10 минути додека сосот се згусни.
- Со вака подготвениот доматен сос прелијте ги парчињата леб.
- Врз доматниот сос наредете ги и парчињата кашкавал или некое друго сирење по ваша желба. По ваш вкус може да додадете и ситно сечкана шунка.
- Јајцата изматете ги со малку млеко.
- На крај, вака подготвените парчиња со леб прелијте ги со матените јајца, поросете ги со оригано и босилек по ваша желба и печете ги во загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути.
- Испечената пица од леб украсете ја со ливчиња свеж босилек и послужете ја додека е топла. На здравје!
Совет плус: Во летните месеци кога има свежи домати во изобилство, може да ги користите нив во замена за конзервираните.
Ви препорачуваме да прочитате: Пица од шпагети.