Витаминот А е првиот откриен витамин, па затоа е именуван со првата буква од латиницата. Припаѓа на групата на витамини растворливи во масти, а има голем број на улоги во организмот кои се неопходни за зачување на доброто здравје.
Улога на витаминот А во организмот
Во организмот витаминот А има повеќе улоги. Тој е познат значаен антиоксиданс, го спречува оштетувањето на клетките од слободните радикали и помага во зајакнување на имунитетот. Покрај тоа, тој учествува во контролата на растот и развојот на ткивата, особено коските и кожата. Познато е дека витаминот А помага за регенерирање на кожата од оштетувањата предизвикани од штетните УВ зраци, а е особено важен при третман на акни и мали брчки. На нашето тело му е потребен витаминот А за да се произведе родопсин, односно пигмент кој ни помага да гледаме кога е темно. Докажано е дека витаминот А дејствува профилактично кај некои видови рак, помага за намалување на нивото на лош холестерол и го намалува ризикот од срцеви заболувања.
Покрај тоа значаен е и за:
- косата и ноктите
- забите и непцата
- респираторниот систем
- репродуктивниот систем.
Храна која изобилува со витамин А
Витаминот А во храната се наоѓа во две основни форми. Ретиноидите, се активните форми на витаминот А, кои се наоѓаат во производите од животинско потекло како:
- месо
- полномасно млеко
- јајца
- црн дроб.

Прекурсорите на витаминот А – каротеноиди се наоѓаат во жолтото и темно зеленото овошје и зеленчук како што се:
- моркови
- слатки компири
- спанаќ
- тиква
- диња
- кајсија
- папаја
- манго
- грашок.
Највисока количина на витамин А има во свежиот зеленчук, потоа во замрзнатиот и најмалку во конзервираниот. Иако, при готвењето генерално не се уништува, може да се деактивира кога е изложен на влијание на железо и бакар.
Симптоми кои се јавуваат при недостаток на витамин А
Недостатокот на овој витамин, иако е реткост, сепак се појавува. Недостатокот на витаминот А може да биде причинет од недоволна застапеност во исхраната, заради намалена ресорпција на масти како и неспособност организмот да го претвори каротенот во витамин А. Првиот симптом кој се јавува при недостаток на витамин А е влошениот вид, кој се манифестира со ноќно слепило. При долготраен недостаток на витамин А се забележува недоволен телесен развиток на децата, проблеми со репродуктивниот систем кај возрасните, гингивитис, многу сува кожа и инфекции. Ако недостатокот е голем може да дојде и до спонтан абортус и анемија.
Некои од симптомите кои се појавуваат при дефицит на витамин А се:
- склоност кон вирусни инфекции
- опаѓање на косата
- загуба на апетит
- проблеми со коскитe.
Предозирање со витамин А
Прекумерниот внес на витамин А во организмот нарекува хипервитаминоза А. Најчесто предозирање со витамин А се добива со прекумерно консумирање на витамин А како додаток во исхраната. Симптомите при хипервитаминоза А се опаѓање на косата, болки во зглобови, главоболка, омалаксаност, депресија и анемија. Особено е важно да се внимава при внесување на витамин А кај бремените жени бидејќи може да предизвика оштетување на плодот. Несаканите ефекти спонтано исчезнуваат по прекин на внесувањето на витаминот А.