Ви се пријаде нешто благо, а не сакате да губите многу време за готвење? – Чоколадна торта, чоколадна салама, или пак грклани со ванила фил, се 3 брзи и лесни десерти топло препорачани од нашата уредничка Марија Кочовска. Кој и да го изберете, нема да згрешите.
„Чести ги правам, сите 3 се превкусни. Затоа не би можела да издвојам кој ми е омилен. Затоа препорачувам да ги пробате и тортата, и саламата, и гркланите.“ – вели Марија.
Брза непечена чоколадна торта со бисквити за 5 минути
Состојки:
- 200 грама бисквити
- 200 грама чоколадо за готвење
- 5 крем банани
- 1 лажица екстракт од ванила
- 100 мл млеко.
Подготовка:
- Бисквитите искршете ги со раце или исечкајте ги.
- Крем бананите исечкајте ги на мали коцки.
- Во тенџере на оган на ниска температура ставете го млекото и додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте со лажица за да се растопи чоколадото. Потоа, додајте го екстрактот од ванила и измешајте.
- Штом чоколадото се растопи, тенџерето тргнете го од оган.
- Во растопеното чоколадо додајте ги кршените бисквити и крем бананите. Измешајте убаво.
- Во калап или пластичен правоаголен сад ставете најлонска фолија. Во калапот додајте ја смесата од бисквитите и чоколадото. Убаво израмнете со лажица. Врз тортата ставете најлонска фолија и со рацете добро притиснете. Калапот затворете го со капак и ставете го во замрзнувач.
- Оставете ја тортата за време од 1 до 2 часа додека се стегне. Изладената непечена чоколадна торта исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!
Брза чоколадна салама за 10 минути
Состојки:
- 100 мл вода
- 1 лажица шеќер во прав
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 100 грама чоколадо за готвење
- 200 грама мелени бисквити
- 200 грама сечкани желе бонбони
- шеќер во прав за декорација.
Подготовка:
- Водата, шеќерот и ванилиниот шеќер ставете ги во тенџере на оган. Повремено мешајте ги за да се растопи шеќерот.
- Штом шербетот ќе зоврие тенџерето тргнете го и додајте 100 грама чоколадо за готвење претходно искршено на коцки. Мешајте за да се растопи.
- Во тенџерето додајте ги мелените бисквити и сечканите желе бонбони. Измешајте за да се добие хомогена смеса.
- Врз најлонска фолија ставете ја смесата. Обликувајте ја во форма на салама. Чоколадната салама ставете ја во фрижидер за време од 1 час. Извадете ја од фолијата, поросете ја со шеќер во прав и исечете колачи.
Брзи грклани со ванила фил
Состојки:
- 1.5 кг лиснато тесто
- 2 ќесички крем пудинг со вкус на ванила без варење
- 2 ќесички шлаг пен
- 800 мл млеко
- 100 г шеќер во прав
- 1 ќесичка желатин
- 50 мл вода
- путер или маргарин по потреба
- 50 г чоколадо за готвење за декорација.
Подготовка:
- Калапите за гркланите премачкајте ги со тенок слој на путер или маргарин.
- Лиснатото тесто исучете го како тенка кора со дебелина од 3-4 мм. Потоа исечете долги ленти со ширина од 3-4 см и должина 30 см (во зависност од големината на калапите).
- Земете една лента и вртете ја околу калапот во форма на спирала. Лентата треба да се преклопува.
- Формираните грклани наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Од наведената количина на тесто треба да добиете 36 парчиња, кои се печат во 3 плеха. По потреба количината на состојките намалете ја или зголемете ја.
- Гркланите ставете ги да се печат во загреана рерна на 220 степени за време од 10 минути, додека поруменат. Печете еден по еден плех за најдобри резултати.
- Извадете ја тавата и оставете ги гркланите да се изладат кратко, а потоа извадете ги од калапите.
- Во сад за матење ставете ги крем пудинзите од ванила и додајте 600 мл млеко. Изматете со миксер за време од 3-4 минути додека се добие густ крем.
- Во друг сад за матење ставете ја шлаг пената и додајте 200 мл млеко. Изматете со миксер за време од 3-5 минути додека се добие густ шлаг. Во садот со крем пудингот додајте ја шлаг пената и изматете кратко за да се соединат состојките. По желба додајте шеќер во прав.
- Во чаша или друг сад ставете го желатинот и додајте 50 мл вода. Измешајте и оставете го да набабри за време од 3 минути. Желатинот растопете го на оган или во микробранова печка, притоа внимавајте да не зоврие.
- Во садот со пудингот додајте го желатинот и изматете со миксер околу минута до две. Филот оставете го 10-20 минути.
- Потоа, со готварски шприц наполнете ги гркланите. По желба декорирајте ги со изматена шлаг пена на краевите и поросете ги со шеќер во прав и растопено чоколадо пред служењето. Уживајте во светот на вкусовите!
Препорака од авторот:
Се надевам дека ти се допаднаа овие брзи и лесни рецепти и дека те мотивирав да направиш барем еден од нив. А, ако си во потрага и по други рецепти и идеи, посети ги моите профили на социјалните мрежи и пронајди ја твојата инспирација. Може да ме следиш и да разгледаш повеќе рецепти на:
- Instagram – @kocovska.marija
- Facebook – Marija Kocovska
- Youtube – Marija Kocovska
- Tik Tok – @marija.kochovska.
Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви препорачуваме да прочитате: Готвиме со Марија Кочовска: Еврејска торта со ореви и лешници.