Дали спиете доволно? Дали често се будите во текот на ноќта? Дали се чувствувате уморни наутро? – На многумина добро им е позната поговорката која вели: „Добар сон – квалитетен живoт!“ И тоа е точно, бидејќи сонот влијае на голем број на хормони во телото, вклучувајќи ги и оние поврзани со стресот, метаболизмот, крвниот притисок…. Добриот сон одржува добра хормонална рамнотежа, а истата може да биде нарушена ако не спиете доволно.
За да може нашето тело да функционира правилно, потребно е бројните различни хормони да се во хармонија. Тука спаѓаат хормоните одговорни за метаболизмот и апетитот, растот, телесната температура, сексуалната функција и репродукцијата, отчукувањата на срцето, крвниот притисок и циклусите на спиење и будење. А на производството на многу хормони во телото (кортизол, естроген, прогестерон, инсулин, мелатонин, хормони за глад, хормони за раст и тироидни хормони) влијае добриот и квалитетен сон.

Како недостатокот на сон влијае на стресот и хормоните за раст?
Често им кажуваме на децата како треба да спијат за да растат побрзо. Хормонот за раст е многу важен за организмот и игра витална улога во производството и синтезата на протеините, развојот на мускулите, имунитетот и метаболизмот.
Спиењето го регулира и нивото на кортизол, кој често го нарекуваме хормон на стрес. Затоа, се препорачува спиење од 7 до 9 часа секоја вечер, бидејќи само така можеме да го држиме нивото на кортизол под контрола.
Недостатокот на сон доведува до зголемена телесна тежина
Како што споменавме, спиењето е многу важен регулатор на метаболизмот и влијае на хемиските реакции во телото кои ја претвораат храната што ја внесуваме во телото во енергија. Доколку не спиеме доволно и квалитетно, се нарушуваат хормоните лептин, грелин и инсулин, хормони одговорни за чувството на глад, регулирање на шеќерот во крвта и складирањето на маснотиите во телото. Лошиот сон може да доведе до отпорност на инсулин, но и до вишок телесна тежина.
Спиењето не може да се надомести
Редовното спиење е неопходно за оптимална регулација на хормоните. Во спротивно, имунитетот ќе ви биде полош, почесто ќе се борите со инфекции, ќе имате зголемен апетит што доведува до зголемена телесна тежина.
Бидејќи нарушувањата на спиењето се многу чести, еве неколку совети кои ќе ви бидат од голема помош:
- Обидете се да спиете 7-9 часа секоја вечер. Легнувајте и будете се во исто време и избегнувајте да го нарушите вашиот биоритам.
- Важно е да не го чувате телевизорот или компјутерот во спалната соба, да го исклучите светлото и да не гледате предолго на мобилниот телефон.
- Температурата на воздухот е исто така важна за идеална атмосфера за спиење. Затоа, проветрете ја просторијата и внимавајте да не е премногу топла.
- Квалитетниот и удобен душек ќе ви помогне полесно да заспиете и да се разбудите без да се чувствувате уморно.
- За оние кои често се борат со несоница, добар трик е да користат маски за спиење или завеси за затемнување за да ја блокираат светлината што доаѓа однадвор.
Ви препорачуваме да прочитате: Совети за подобар сон и храна за опуштање пред спиење.