Овој свеж и одличен рецепт за домашен сладолед од диња го најдовме на блогот на нашата добра пријателка Лана. Испробан е, како и сите останати рецепти на нејзиниот блог Kuhinjica Mignone.
Како дел од состојките ќе ги сретнете така наречените „ананас“ дињи. Тоа се оние превкусни и ароматични дињи чиј мирис остава впечаток. Портокалово-жолтеникавата боја на диња потекнува од бета-каротенот кој го содржи. Дињата е богата со витамин А, а доколку изедете 100 грама диња ќе задоволите 68% од дневните потреби на организмот за овој витамин. Покрај тоа, дињата е богата со витамин Ц, кој задоволува 61% од дневните потреби на организмот. Од минералите дињата содржи калиум, магнезиум, бакар, манган, цинк, калциум и железо. Доволно причини за да уживаме во вкусот на дињата во летните месеци!

Состојки:
- 2 шолји пасирани „ананас“ дињи
- 2 шолји јогурт
- 1/2 шолја шеќер (може и помалку по вкус, а како замена може да користите и мед).
Подготовка:
- Дињата измијте ја, а потоа исечете ја на мали коцки и изблендирајте ја или испасирајте ја.
- Во садот со дињата додајте го и јогуртот и засладете со шеќер или мед, зависно од тоа што сте избрале. Количина на засладувачот препорачуваме да ја прилагодите по ваш вкус. Така, слободно додајте или одземете по желба.
- Смесата убаво измешајте ја, а потоа ставете ја во замрзнувач за да се стегне. Бидејќи овој сладолед прилично се стврднува, најдобро е да го турите во плитки садови од кои лесно ќе можете да го сервирате. Или, пред да го служите оставете го малку да постои на собна температура и нема да имате проблем.
Ви препорачуваме да прочитате: 5 избрани рецепти за домашни сладоледи.