Ќе уживате во секој залак! Топол леб намачкан со лутенка и малку сирење за прилог и тоа како годи за закуска со семејството! Есента е време кога специјалитетите и зимниците со пиперки го достигнуваат својот врв. А ние, инспирирани од светот на вкусовите пробавме традиционалните ноти да ги надополниме со нешто ново и направивме лутенка со кечап. Испробано, ќе ве одведе во нова вкусна „димензија“!
Овој рецепт за лутенка го правиме секоја година, само што овој пат, направивме мала измена во состојките и наместо со домати го направивме со кечапот на Витаминка. Тоа помага да се скрати време на подготовка, а печењето на пиперките во рерна, наместо на шпорет, е одлична алтернатива која подготовката ја олеснува и тоа како! Како што очекувавме, излезе многу вкусна, па препорачуваме да ја пробате и секако да ни кажете како ви се допадна.

Од предложената доза ќе добиете 4-5 тегли зависно од големината на истите.
Состојки:
- 10 кг црвени пиперки
- 2 кг домати
- 1 л кечап од Витаминка (лут или благ по вкус)
- 1-1.2 л Брилијант сончогледово масло
- 2-3 лажици алкохолна киселина
- околу 4-5 лажици сол (по вкус, најдобро да започнете со помалку, па постапно да додавате по потреба)
- 1 главица лук
- 3-6 лути пиперчиња по вкус
- 2 китки магдонос (по желба може и повеќе)


Подготовка:
- Пиперките измијте ги и оставете ги некое време да се исушат. Исто така, може да ги избришите со помош на чиста крпа.
- Така припремени, ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 220-230 степени. Печењето може да го направите на решетката од рерната или во плех. Овој метод го предлагаме како полесен, а доколку сакате, може да ги печете на скара или плотна од поголем шпорет. Во било која варијанта, печете додека се оформи лушпа која лесно се оддвојува од пиперките.
- Печените пиперки ставете ги во поклопен сад и оставете ги да стојат така затворени барем 30 минути. Тоа ќе помогне за полесно да се лупат, а и малку ќе се изладат. Потоа, отстранете им ги лушпите и дршките заедно со се семките.
- Ставете ги во мрежа или подврзани во газа, за малку да се процедат. Овој чекор не е неопходен и по потреба може да го прескокнете. Потоа, излупените и исчистени пиперки, измелете ги или може да ги искинете на долгнавести парчиња, зависно од желбата.
- Доматите исечкајте ги на поголеми парчиња. Исечканите домати ставете ги во поголемо тенџере да се варат. На почетокот постојано мешајте, а штом доматите пуштат сок оставете ги да се варат додека половина од течноста испари. За време на варењето, повремено мешајте.
- Во меѓувреме, во големо тенџере на оган, ставете го Брилијант маслото, заедно со киселината и солта (околу 4-5 лажици сол – по вкус, најдобро да започнете со помалку и постапно да додавате по потреба) да се загреат и убаво да се соединат.
- Откако добро се загреала смесата и почнува да врие, во садот на оган додајте ги сечканите пиперки и кечапот од Витаминка.
- Пржете 1-2 часа на умерена температура, а при тоа постојано мешајте. Кон крајот додајте ги варените домати и продолжете со пржењето додека лутенката постигне густина која ви се допаѓа.
- Во последниот половина час од пржењето додајте ги зачините. Лукот излупете го, измијте го и исечете го на ситно или иситнете го со помош на алатка за лук за рамномерно да се распореди низ целата смеса и да не се познава на лик. Магдоносот измијте го и исечкајте го на ситно, а лутите пиперчиња исто така. Доколку не сакате да биде многу лута, за време на пржењето, може да ги оставите цели, а потоа да ги отстраните.
- Готовата домашна лутенка ставете ја во чисти, претходно стерилизирани тегли кои добро се затвораат.
- Теглите треба да ги припремите претходно. Измијте ги, исушете ги и стерилизирајте ги во рерна (загрејте ја на 100 степени и оставете ги да стојат внатре најмалку 15-20 минути). Најдобро е овој чекор да го направите непосредно пред ставањето на лутенката во нив.
- Стерилизираните и чисти тегли наполнете ги со врелата лутенка. Добро затворете ги и превртете ги за вакуумот да ја доврши својата работа, односно лутенката да биде трајна и да не се расипува. По желба, како дополнување на тоа, затворените тегли можете да ги ставите повторно во загреана рерна на 100 степени, за време од неколку минути.
- На крај, оставете ги да се изладат и чувајте ги на ладно и темно место. На здравје!


Ви препорачуваме да прочитате: Крцкави печени тиквички со сос од кечап и мајонез.
*Комерцијален рецепт.