домашни лиснати кроасани

Домашни кроасани со мармалад

Што ви е потребно за сладок појадок? – Домашен, крцкав кроасан со овошен фил и чаша топло капучино. Звучи примамливо, зарем не? – Омилениот појадок од Италија, може да го сервирате во вашиот дом и да уживате во ладните зимски денови со целото семејство. Па, пробајте го нашиот рецепт за домашни кроасани со мармалад.

Само еден час ве дели од слаткото уживање! Изберете мармалад или џем (јагода, праска или слива) од Рес-Ком и започнете ја кулинарската авантура. Од наведената количина на состојки ќе добиете 12 големи или 24 помали кроасани.

домашни лиснати кроасани

Состојки:

  • 600 г брашно
  • 25 г свеж квасец
  • 1/4 лажичка сол
  • 1 лажица шеќер
  • 2 јајца
  • 100 мл млеко
  • 200 мл вода
  • 250 г путер
  • мармалад од Рес-Ком по желба (кајсијашипка, слива или мешано овошје)
  • 1 јајце за премачкување на кроасаните
  • шеќер во прав за поросување.

Подготовка:

  1. Во подлабок сад за месење ставете ги квасецот, половина чаша млака вода, 1 лажица шеќер и 1 лажица брашно. Добро измешајте додека квасецот се растопи. Садот ставете го на топло место за да се активира квасецот.
  2. Потоа, во садот додајте ги јајцата, солта, просеаното брашно, преостанатата топла вода и млекото. Замесете средно меко тесто. По потреба додајте уште малку брашно.
  3. Добро измесеното тесто ставете го во садот за месење, покријте го со најлонска фолија и оставете го 15-тина минути да нарасне.
  4. Потоа, кратко премесете го и поделете го на 8 делови. Секој дел измесете го во форма на топка.
  5. Секоја топка расучете ја во тенка кружна кора со помош на оклагија (сукало) и премачкајте со путер. Треба да добиете кори со големина на голема плитка чинија. Премачканите кори редете ги една врз друга, а последната кора не ја премачкувајте со путер.
  6. Вака наредените кори покријте ги со кујнска крпа и оставете ги околу 15 минути да нараснат.
  7. Потоа, сите кори исучете ги во една голема округла кора. Со помош на нож исечете 12 до 24 триаголници. На секој триаголник ставете по 1 лажица мармалад или џем од Рес-Ком, па замотајте ги во облик на кроасан.
  8. Готовите кроасани редете ги на плех обложен со хартија за печење. Наредените кроасани во тавата за печење треба да стојат околу 30 минути додека ја дуплираат својата големина.
  9. Пред печење премачкајте ги со разматено јајце. Печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути додека заруменат.
  10. Готовите кроасани со мармалад посипете ги со шеќер во прав и веднаш послужете ги. На здравје!
кроасани со мармалад

Ви препорачуваме да прочитате: Посни бадникови колачиња.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: