Можеби сте слушнале, а уште подобро можеби сте јаделе! Како и да е, доколку не знаете што се тоа њоки, ние сме тука да ве запознаеме или да ве потсетиме на тоа колку добро може да се најадете со нив. Од кога го најдовме, не престанавме да ги приготвуваме на овој начин, па ви го претставуваме нашиот омилен едноставен рецепт за домашни њоки од 3 состојки!
Не е потребна некоја голема мајсторија во кујната, ниту да издвоите цел ден. Како што знаете, ние ги обожаваме таквите рецепти и тоа е една од одликите за нас. Лесно и вкусно е наш императив. Ние ќе ви покажеме како да ги направите, а подготовката ќе ја оставиме на вашиот вкус.

Состојки:
За тесто:
- 2 средно големи компири
- 2 чаши брашно (ние користиме ржано или интегрално)
- 1 јајце
За варење:
- малку сол по потреба.
Подготовка:
- Во поголем сад на ога ставете вода да зоврие.
- Во меѓувреме измијте ги и излупете ги компирите, па ставете ги да се варат. Варете ги околу 15 минути во водата која врие, а притоа внимавајте да останат малку тврди. Исцедете ги, оставете ги да малку се изладат и испасирајте ги.
- Во сад за месење ставете ги испасираните компири и додајте ги брашното и јајцето. Мешајте или измесете ја смесата со раце, додека убаво се соедини.
- Работната површина набрашнете ја, па од тестото оформете долгнавести форми во вид на „змија“ и исечете ги на парчиња со должина од 1 см.
- Во поголем сад на оган ставете посолена вода да зоврие. Во водата која врие ставајте ги претходно направените њоки и оставајте ги во неа да стојат по 3-5 минути или додека се подигнат на површината. Исцедете ги и сервирајте ги. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за домашни њоки во доматен сос.