Нов и испробан рецепт смислен во кујната на Сѐ за храна! Лесните, брзи и едноставни рецепти се препознатливи за нас веќе подолго време, па овој рецепт за солени мафини со оригано е баш таков! Се прави без миксер и без многу садови, сигурно ќе ви се допадне.
Имајќи го предвид брзото темпо на живот денес, сите ние сакаме да каснеме нешто домашно и вкусно, кое нема да ни одземе многу време и не бара многу труд. Ви предлагаме да си ги направите овие превкусни мафини. А како совет плус за да ви биде уште повкусно, дефинитивно ви препорачуваме да се напиете и чаша јогурт со нив. На здравје нека ви се, еве го рецептот.

Состојки:
- 4 јајца
- 3 лажици мајонез
- 100 грама бело сирење
- 1/2 чаша пченкарно брашно
- 1/2 чаша бело брашно
- 1/2 ќесичка прашок за печиво
- 1 рамно лажиче сода
- 1 рамно лажиче шеќер
- 1/2 лажиче црн пипер од Рајска градина
- 1/3 лажиче сол
- 1 лажиче оригано од Рајска градина.
За поросување:
- сусам по потреба
- ким од Рајска градина по потреба
За премачкување на калап:
- малку путер по потреба.
Подготовка:
- Во поголем сад ставете ги скршените јајца и изматете ги убаво со виљушка.
- Во садот додајте го и мајонезот и продолжете со мешање додека се соедини со јајцата.
- Сирењето издробете го или изрендајте го, а потоа додајте го во садот со јајцата.
- Во друг сад ставете ги сувите состојки. Добро измешајте ги белото и пченкарното брашно, прашокот за печиво, содата, шеќерот, црниот пипер, солта и ориганото.
- Вдлабнатините на калапот за мафини премачкајте ги со тенок слој на путер, притоа да е опфатена целата површината на вдлабнатината, за лесно да може да се извадат после печењето.
- Потоа, измешајте ги течните со сувите состојки. Откако добро ќе се соединат со помош на супена лажица распоредете ја смесата во секоја од 12-те вдлабнатини за мафини. Дозата за еден мафин е една полна супена лажица од смесата, при што истата одговара на 2/3 од висината на вдлабнатината на калапот.
- Врз секој мафин посипете малку сусам и ким во количина по желба.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 20 минути. Кратко и лесно до вкусно уживање!

Ви препорачуваме да прочитате: Велигденска урнебес салата со варени јајца, готова за 3 минути.