Ги нарековме екстра чоколадни бидејќи се превкусни и изобилуваат со какао и чоколадо во својот состав! Се прават лесно и прилично брзо, а рецептот за нив го имаме пробано повеќе пати. Ако сакате нешто многу вкусно што не е „ризично“ за правење овие чоколадни мафини со лешници и бруснуца се полн погодок.
Постапката не е сложена воопшто и одлично им излегуваат и на младите и помалку искусните домаќинки. Што да зборуваме повеќе, најдобро да поканиме друштво, да си свариме филџан кафе и да им се гостиме во чоколадниот вкус!

Состојки:
- 170 гр брашно
- 40-50 гр какао
- 150 гр сечкани или мелени лешници
- 100 гр брусница
- 3 јајца
- 300 гр темно чоколадо за готвење (може да употребите и чоколадо со висок процент на какао во својот состав)
- 125 гр путер
- 270 гр шеќер.
Подготовка:
- 200 грама од чоколадото и путерот (претходно исечен на коцки) ставете ги во сад, кој е поставен врз друг сад со вода за да се растопат на пареа. Откако смесата ќе се изедначи оставете ја настрана за да се излади.
- Во одделен сад ставете ги јајцата и изматете ги.
- Потоа додајте ги какаото, шеќерот, брашното, мелените или иситнети лешници, исечканата брусница, а потоа и додајте ја претходно припремената смеса од чоколадо и путер. Убаво промешајте со лажица за смесата добро да се изедначи.
- Смесата турете ја во калапи за мафини, но не ги полнете до крај затоа што при печењето смесата малку ќе нарасне. На крај, врз секое мафинче ставете по неколку парчиња кршено чоколадо и ставете ги да се печат. Препорачливо е во калапите за мафини да ставите хартиени кошнички и да печете заедно со нив, а и полесно да ги извадите мафините од калапот.
- Печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 40-45 минути. По желба направете дополнителна декорација и уживајте во вкусот.
На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадни мафини со ореви.