За сите љубители на здрави и брзи рецепти! Уживајте во вкусот на јагодите, преку целата година. Со голема љубов ви приготвивме уште еден здрав рецепт за брзи овошни колачиња без шеќер. Само 5 минути ве делат од овошното засладување. Овие мали слатки колачиња, не содржат шеќер и глутен. Изобилуваат со витамини и минерали, имаат низок гликемиски индекс и го намалуваат чувството на глад.
Ги препорачуваме за лица кои внимаваат на својата линија, се хранат здраво и вежбаат. Можете да ги послужите за појадок, за ужина или пред тренинг. Од наведената количина ќе добиете 14 овошни колачиња, а еве што вели нутритивната анализа за секое колаче: 50 калории, 7 грама јаглени хидрати, 4 грама масти и 2 протеини.
Состојки:
- 1 банана
- ½ чаша замрзнати јагоди или друго јагодесто овошје
- 1 чаша овесни снегулки
- 1/3 чаша кокос
- 1/3 чаша лупени, непечени семки од сончоглед
- мед, јаворов сируп, стевија или друг засладувач по желба.
Подготовка:
- Во блендер ставете ги овесните снегулки. Миксирајте ги за време од 10 до 20 секунди. Мелените овесни снегулки ставете ги во подлабок сад. Бананата исечкајте ја.
- Во блендерот ставете ги исечканата банана, замрзнатите јагоди и кокосовите снегулки. Блендирајте кратко додека состојките се соединат. Сместа со замрзнати јагоди и банана ставете ја во садот со овесните снегулки.
- Семките од сончоглед ставете ги во блендерот. Миксирајте кратко додека семките се измелат.
- Мелените семки од сончоглед ставате ги во садот со овесните снегулки. Со лажица измешајте ја смесата, а потоа формирајте бомбици. По желба колачињата извалкајте ги во кокос. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Вегански чоколадни бомбици без шеќер.