На пазарите веќе ги донесоа првите јагоди, па се инспириравме да го споделиме со вас овој навистина здрав и вкусен џем од јагоди со чиа семе. Ова е навистина совршен спој на состојки кои гарантираат уживање на сите сетила. Чиа семето му дава совршена текстура, а јагодите пак превкусна арома. И што е најважно, ова е навистина здрава комбинација, па не треба да се плашите дека ќе претерате со јадење. А, ние ви гарантираме дека кога еднаш ќе го пробате, нема да може да се воздржите да го изедите целиот џем.
Подготовката на џемот е многу лесна и едноставна и за него ви се потребни само три состојки. Совршен е за сите оние кои внимаваат на својата линија, а притоа сакаат да јадат вкусно и здраво. Пробајте го и разубавете си го утринскиот оброк со прекрасната арома на јагоди, а уште и ако го искомбинирате со некои здрави палачинки веруваме дека со нетрпение ќе очекувате да се разбудите.
Состојки:
- 750 грама јагоди
- 2-4 лажици мед
- 2 лажици чиа семе
Подготовка:
- Најпрво темелно измијте ги јагодите и исчистете ги од дршките, а доколку се поголеми исечете ги и на неколку парчиња.
- Ставете ги во еден сад и засладете ги со мед по вкус.
- Засладаните јагоди ставете ги во сад на оган и оставете ги кратко да провријат, а потоа намалете ја температурата и оставете ги уште околу 10 минути да се варат на тивко.
- Омекнатите јагоди испасирајте ги со виљушка или со алатка за правење пире, па пробајте ги дали се доволно благи и по потреба додадете уште мед.
- Во испасираните јагоди додајте го и чиа семето и повторно вратете ги на оган за да се варат уште 1-2 минути.
- Тргнете го џемот од оган и оставете го да се излади околу 10 минути. Како што ќе се лади џемот треба да се згуснува, а доколку мислите дека е многу редок, можете да му додадете уште 2 лажици чиа семе.
Ви препорачуваме да прочитате: 5 избрани рецепти за слатко, мармалад, џем, компот и сок од јагоди.