„Бидете храбри и отворени за нови вкусни сензации! – Пробајте ја мојата преубава и уникатна салата! Ви гарантирам дека вкусот на оваа зелена салата со калинки и ореви е фантастично свеж и неповторлив. Рецептот доаѓа од директно од мојата кујна, каде прво го дегустиравме и помина низ строгиот „филтер“ на изострени вкусови.“ – со насмевка вели Катерина од нашиот тим.
Калинката треба да биде дел од менито кај сите лица што имаат проблеми со срцето и крвните садови (или се предиспонирани за оваа болест), висок холестерол или стврднување на артериите (во овај случај е особено ефективна). Некои истражувања покажале дека калинката позитивно влијае во спречување на развојот на рак на дојка, рак на простатата, рак на дебелото црево, леукемија и тумори. Покрај тоа содржи соединенија кои го подигнуваат серотонинот и имаат благотворно дејство врз оние кои се депресивни и анксиозни. За да дознаете повеќе за здравствената корист од калинката, кликнете тука.

Состојки:
- 7-10 листови зелена салата (марула, салатка и слично)
- 1/2 калинка
- 2 парчиња лимон сечени на кругови
- 4 ореви (8 јатки)
- свежо цеден сок од половина лимон.
Подготовка:
- Најпрво со ладна вода убаво измијте ги листовите зелена салата, а потоа со помош на кујнска даска и добар остар нож, внимателно издробете ги парчиња со ширина од околу 1 см.
- Калинката прво измијте ја, а потоа со помош на техниката за чистење на калинка, за само 10 секунди лесно исчистете ги семките. За да ја погледнете техниката кликнете тука. Семките од калинката издвојте ги во посебен сад.
- Доколку е потребно оревите скршете ги, а ако сте купиле јатки само исечкајте ги со помош на нож, со исклучок на две јатки или 1 орев кој ќе остане од горе за декорација.
- Половинката лимон исцедете ја со помош на цедалка за лимони.
- Откако сте ги припремиле сите состојки, во убава бела чинија сервирајте ја салатата. Прво ставете ја зелената салата и полека рамномерно налејте го свежо цедениот сок од лимон, а потоа од горе наросете ги калинките и сечканите ореви. Декорирајте со круг засечен лимон и 2 јатки од орев на средината на салатата или декорирајте поинаку по своја желба. На здравје!
„Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Печен помфрит од компири и тиквички на лесен начин.