„Правев неколку проби и открив „совршен рецепт“ како да испечам цел плех пиперки додека трепнам! Со задоволство ви откривам и вас како да испечете 25 пиперки за 15 минути и тоа без да одбирате дали се прави или не! Брзо, лесно и без пребирање, ни на пазар ни дома, идеално нели?! – Читајте до крај и ќе ми бидете благодарни.“ – вели Катерина од нашиот тим.
„Ние Македонците важиме за народ кој обожава пиперки, па мислам дека овој пост и тоа како ќе им користи на многумина, а посебно на оние кои живеат во станови или имаат голем кусок на време како и јас во последниот период. Срдечното мајчинство и тоа како бара време, а желбата да постигнам баланс помеѓусемејните обврски и работата, често ми ја поттикнуваат креативноста.“ – додава Катерина Шамбевска Спасеновска, а за повеќе интересни рецепти од неа, погледнете го нејзиниот Инстаграм профил @katerina.shambevska.

Што е потребно?
Свежи пиперки во број по ваша желба и рерна! – Јас ги преброив во неколку наврати кога печев и бројката секогаш варираше од 20 до 25 пиперки во еден плех, зависно од нивната големина.
Каква е постапката за печени пиперки со идеално добар вкус како печените на скара?
- Рерната загрејте ја на 250 степени.
- Пиперките измијте ги, па пребришете ги со кујнска хартија за да ги исушите од вишокот вода.
- Поставете хартија за печење во плех и наредете ги пиперките. Може да се една до една, а убаво е да не се претерано доближани, за воздухот да циркулира. Хартијата за печење е важен чекор и не треба да ја прескокнувате.
- Печете 15 минути во загреаната рерна, а потоа соберете ги пиперките во чинија и завиткајте во најлонска ќеса. Оставете така да стојат 30 минути или совет плус: вака стокмени, може да ги чувате најмногу 2 дена во фрижидер, ако не планирате да ги јадете веднаш.
- Излупете ги – совет плус: кога ќе ги лупите, правете мал процеп на врвот за течноста од нив потполно да се процеди и вкусот на пиперките да биде најдобар. Пријатен апетит!
Предлог идеи како да ги јадете:
Јас ги направив во комбинација со варени компири, пасирани како пире, лукче по вкус и зачинети со морската сол на Витаминка и Брилијант масло, а како прилог додадов и бело сирење.

Други идеи за комбинирање
Може да ви бидат прилог со печено месо или месо на скара. Да ги запржете со јајца или да направите ги макало со домати, со лук, со варен грав и лукче, исто како и примерот со компирите погоре, секој по свој вкус! Идеи имам многу, па ако некој сака да добие поконкретно упатство, нека ми пише.
Обожавам, брзи, вкусни и лесни рецепти! – Па, ако ви се допадна предлогов, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:
- Instagram: @katerina.shambevska
- Facebook: Katerina Sambevska Spasenovska.
Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Лесен рецепт за ќофтиња од пилешко месо и грашок.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.